Пожарот над дебарско Гари целосно локализиран, на Галичица пожарот изгаснат од дождот

Откако вчера попладне беше ставен под контрола, големиот пожар на планината Стогово, над дебарското село Гари, е целосно локализиран, потврди за МИА, Џетан Мифтароски, командир на дебарската Територијална противпожарна единица.

– Пожарот над селото Гари, на планината Стогово, вчера го ставивме под контрола, а денеска е целосно локализиран. Бидејќи врне дожд нема никаква опасност повторно да се разгори, рече Мифтароски.

Според него, опожарена е површина од над 75 хектари сува трева, ситно стеблеста, како и високо стеблеста шума.

Со пламените јазици четири дена се бореа дебарските пожарникари и вработените на дебарската подружница „Стогово” на ЈП „Национални шуми”.

Постоеше опасност пожарот да се прошири до селото Гари, а потоа и Осој, чии жители беа видно загрижени.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов денеска изјави дека од 1 август до денеска во Македонија се регистрирани 660 пожари на отворен простор од кои 98 беа шумски и од кои повеќето се претворија во големи пожари тешки за гаснење.

Овие пожари ги исцрпија нашите сили и капацитети, вели Ангелов.

Тој објави дека пожарот на Галичица денеска е изгаснат со помош на дождот кој заврна, додека кај Јасен кон Белица е со намален интензитет и се очекува ако заврне дожд да биде изгаснат.