Пожарот над Зајас пак е активен, на терен пожарникари од Кичево и 30 припадници на Армијата

Откако синоќа беше изгаснат, денеска повторно е активен пожарот над кичевското село Зајас, соопшти попладнево директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

-Таму трет ден е активен пожарот, иако денес беше мирно, сега пак е активен повторно. Горат млади борови. Тука гаснат пожарникари од Кичево и 30 припадници на Армијата. Нема услови за гаснење од воздух, оти не спаѓа во тешките и приоритетни пожари и е пристапен за гаснење од земја, рече Ангелов.

Тој утринава апелираше до граѓаните да го пријавувуваат секое сомнително движење ако забележат потпалувачи, а ако им е страв лично да се јават, нека кажат на некој комшија, полицаец, вработен во ЦУК.

-Апелирам на голема внимателност. Не е наивен пожарот и кај депонија или на сува трева, брзо може да стигне до шума или да загрози човечки живот. Борбата против овие кои палат мора да биде жестока, мора жестоко да возвратиме, бидејќи превенцијата е најдобриот начин. Тогаш кога ќе бидат казнети, тогаш ќе бидат внимателни. Нема никакво оправдување за ваквото несериозно однесување. Ќе барам дополнителни законски измени за строги казнувања на ваквите поведенија кои загрозуваат човечки животи и трошат државни ресурси, истакна Ангелов.

На денешната владина седница беше одлучено  мерки за превенција поради топлотниот бран  да важат и утре. Тоа значи дека се препорачува ослободување од работни обврски за најралнивите групи на населениението: бремените жени и лица на возраст над 60 години, како и работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

– Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, препорачуваат од Владата.