Големиот пожар што ја зафати историската зграда на Старата берза во Копенхаген, една од неговите најстари и најпознати згради, е ставен под контрола, соопшти шефот на противпожарната бригада на данскиот главен град.
Се уште не е утврдена причината за пожарот, кој ненадејно избувна денеска претпладне. За гаснење на пожарот беа ангажирани 135 пожарникари и други лица од итната помош, заедно со волонтери од вооружените сили.
Пожарникарите соопштија дека пожарот уште изутрината веќе проголтал половина од огромната зграда и оти се оштетени потпорните конструкции.
Сепак, тие рекоа дека засега не очекуваат зградата да се урне.
Во зградата била сместена голема уметничка колекција, вклучувајќи го и монументалното масло на платно од 19 век „Од берзата во Копенхаген“ од П.С. Кројер. Уметничкото дело беше изнесенп од неколку луѓе.
Данскиот крал Фредерик Десетти соопшти дека „важен дел од нашето архитектонско наследство беше и сè уште е во пламен“.
Фасцинантната кула змеј, која сега се урна, помогна да се обликува градскиот пејзаж и да се дефинира Копенхаген како „град на кулите“, рече кралот.
– Сведоци сме на страшни сцени. Парче од данската историја гори, објави данската премиерка Мете Фредериксен на Инстаграм.
– Берзата е една од најживописните згради во Копенхаген. Симбол на 400 години деловна историја во Данска. Незаменливо културно наследство. Болно е да се гледа, напиша Фредериксен.
Зградата во холандски ренесансен стил била завршена во 1625 година со 56-метарска кула во облик на испреплетени опашки на четири змејови кои ја симболизираа заштитата на златото што трговијата ќе го создаде за Данска. На врвот имаше и три круни, симболизирајќи ги кралствата Данска, Норвешка и Шведска. Се наоѓа на улицата Холменс Канал спроти Данската национална банка и е главна туристичка атракција.