Познат идентитетот на скопскиот насилник: Ја претепал својата бремена сопруга, настанала смрт кај плодот

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за насилен криминал поднесе кривична пријава против Е.И.(28) од Скопје, поради сомнение дека на 14.10.2023 околу 00:00 часот подрачјето на Гази Баба физички ја нападнал неговата 23-годишна бремена сопруга.

Од здобиените повреди настанала смрт кај плодот, што било потврдено со вештачење.

Од судија на претходна постапка на Е.И. му била определена мерка притвор.

Претходно во неделата Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик.

Имено, во саботата на 14-ти октомври, осомничениот тешко телесно ја повредил и го нарушил здравјето на неговата бремена сопруга, доведувајќи го во опасност нејзиниот и животот на плодот.

Додека заедно со оштетената и нивното двегодишно дете се движеле со автомобил, осомничениот најпрвин започнал вербална расправија, а потоа и физички ја нападнал сопругата која седела на совозачко седиште.

Оштетената излегла од автомобилот и се обидела да побара помош, но осомничениот тргнал по неа и продолжил да ја влече и удира. На тој начин и нанел тешки телесни повреди, загрозувајќи го и плодот. При дополнителен преглед било констатирано дека плодот починал.

Јавниот обвинител нареди судско-медицинско вештачење и доколку со наодот се потврди дека причина за смртта на плодот бил физичкиот напад, ќе се изврши соодветна квалификација на делото.

До судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и оштетената и да го повтори делото.