
Министерството за внатрешни работи во петокот објави поединости за тешката сообраќајна несреќа којашто синоќа се случи во скопската населба Аеродром, и официјални ги потврди првичните информации на медиумите од теренот, дека едно лице го загуби животот а други две се повредени.
Несреќата се случила 22.05 часот на крстосница на булеварот „Јане Сандански“ со сервисни улици, во близина на супермаркет.
Учествувале мотоцикл „хонда“, управуван од 24-годишниот Д.А. од Скопје и автомобил „ауди А3“, управувано од Д.В.Д. и сопатник С.З. и двајцата на 20 години и од Холандија. И двете свизила се со скопски регистарски ознаки.
На местото на незгодата починал мотоциклистот, а смрт констатирала екипа од Итната медицинска помош. Д.В.Д. и С.З. се здобиле со телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ и во Градска општа болница „Свети Наум Охридски“, информира МВР.
Увид на лице место извршила увидна екипа на СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.
Синоќа беше објавено дека според очевидци од местото на трагедијата, младиот сега починат маж излегол од локал, а потоа се судрил со автомобил на раскрсницата кај супермаркетот „Веро“ во Аеродром. Несреќата се случила поради непочитување на сигнализацијата, односно наводно минување на црвено светло, што треба да го појасни увидот.