Познати противниците на македонските ракометари во европските купови

Македонските ракометни претставници денеска ги добија своите противници за настапите во европските купови.

Составот на „Тинекс Пролет“ ќе игра со „Карвина“ од Чешка во втората рунда на ЕХФ купот. Првиот натпревар од второто коло скопскиот тим ќе го игра на гости на 6 или 7 октомври, додека реваншот е една седмица подоцна.

Во третото коло од ЕХФ купот ќе се приклучи уште еден македонски претставник, тимот на „Еурофарм Работник“ од Битола.

Во истото натпреварување, ама во женска конкуренција „Металург“ ќе излезе на мегдан против француски „Иси Париз“. Првиот натпревар ќе се играат на 8 и 9 септември, а реваншот седум дена подоцна.
Доколку „Металург“ го помине „Иси“, во второто коло повторно ќе се соочи со француски тим-„Нант“.

Во Челинџ Купот кај дамите, тимот на „Пелистер“ во третата квалификациска рунда ќе игра против „Ла Сале“ од Малта, а Куманово ќе има тешка задача затоа што ќе се соочи со „Геониус“ од Холандија.
Битолскиот тим беше носител пред денешниот ждреб, а ракометарките од Малта се дебитантки во европските купови.

Првиот натпревар „Пелистер“ ќе го игра на гости на 10 или 11 ноември, додека реваншот ќе биде седум дена подоцна. Во истите термини ќе играат и кумановки.