МВР излезе со детали за хаосот кој вчера се случил на Институтот за јавно здравје кога фрижидерите во кои се чуваат реагенси за цела Македонија биле исклучени од струја.
Вчера околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести, соопшти МВР.
„Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во соопштението на МВР.
Се проверува дали има оштетени реагенси во Институтот за јавно здравје, откако вчера некој ги исклучил фрижидерите во кои се чуваат, вели директорката Марија Андоновска, која очекува Јавното обвинителство да покрене постапка околу тоа кој се имал пристап и до осигурувачите за струја за фрижидерите каде се чуваат реагенси за целата држава. Од Институтот, за случајот ги информирале сите надлежни државни органи.
– Можно е ова да се има случено во периодот помеѓу 14.30 и 15.30 часот. Фрижидерите и коморите што ги имаме се во посебни простории под клуч. Во случајов се работи за широк ходник во кој лево и десно има лаборатории, а во кој исто така се сместени разводни табли со осигурувачи за струја во фрижидерите. Среќа што ние бевме сѐ уште на работа и хигиеничарката, која доаѓа по вработените кои заминуваат, забележа дека има некаков проблем кај разводните табли, таа алармираше, изјави директорката за МИА.
Симптоматично е, рече таа, тоа што биле исклучени само тие што се однесуваат на фрижидерите и коморите, каде се чуваат сите реагенси за целата држава.
– Ако не бевме тука и не реагиравме веднаш, денеска ќе имавме огромно загрозување на општата состојба на граѓаните, загрозување на животот и здравјето нивно, согласно на кривичниот закон, дополнителна штета во милиони. Ќе немавме ниту еден реагенс. Среќа што бевме таму и веднаш реагиравме, повикавме институции да го утврдат тоа и очекуваме дека Јавното обвинителство ќе реагира. Последиците ќе беа ненадоместливи, среќа што бевме таму, подвлече Андоновска.