По повод тековните уписи за новата академска 2024/2025 година, на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, студентите им порачаа на новите колеги дека во оваа установа ќе се стекнат со врвно теоретско знаење во овој домен и ќе им биде овозможена пракса според светски стандарди, со што, по завршувањето на студиите, ќе бидат целосно подготвени да бидат исклучителни доктори по ветеринарна медицина.
Студентите од ФВМС истакнаа дека за да се биде дел од таа фела мора да се поседува огромна љубов кон животните, потенцирајќи дека, ветеринарството не е само професија, туку начин на живот.
Божидар Живкоски, студент на четврта година при ФВМС, им порача на новите студенти дека на овој Факултет несомнено ќе се стекнат со сите знаења и вештини кои им се потреби за понатаму да го градат својот кариерен пат.
„Она што ме привлече да се запишам на овој Факултет е токму љубовта првенствено кон домашните миленичиња која ми е пренесена од мали нозе, а понатаму несомнено истата се пренесе и кај останатите домашни животни. Започнувајќи со студиите и запознавајќи се со различните предмети веднаш добив заклучок дека овој Факултет е баш тоа што мене ми треба и тоа е она што сакам да го работам во иднина“, посочи Живкоски.
Тој наведе дека љубителите на животни, кои ќе ја одберат оваа професија, треба целосно да се посветат на образованието.
„Идните студенти целосно ги охрабрувам да ја следат својата амбиција за студиите на ФВМС, целосно да се посветат на сите сегменти на студирањето и гарантирано ќе се стекнат со сите потребни знаења, искуства и вештини кои ги нуди овој Факултет“, рече студентот.
Тој потенцираше дека за него од огромно значење е практичната работа, што е потребна за постојано надградување во оваа област.
„За мојата понатамошна иднина имам навистина голем број предизвици кои би сакал да ги остварам, но првично би сакал да се стекнам со добра пракса која воедно ќе биде и мојата главна основа, па потоа да се надоградувам се повеќе на професионален план“, посочи Живкоски.
Студентката Бојана Чапкуновска, истакна дека се одлучила за ветеринарната професија поради хуманоста во оваа област, односно за да научи како да им помогне на оние кои „немаат глас“.
„Ветеринарната медицина е една сеопшта и комплексна наука и изучувањето на истата претставува голем предизвик. Знаејќи го тоа, сите студенти сме сплотени, си помагаме и одиме заедно кон исполнувањето на истата цел. Но, истовремено, тој предизвик е и огромна можност бидејќи со завршувањето на студиите, студентите имаат широк спектар на можности за градење на идната кариера. Со концептот на „Едно здравје“, преку одржувањето на здравјето и благосостојбата на животните, придонесуваме и во одржувањето на животната средина и јавното здравје“, заклучи Чапкуновска.
Матеј Александровски, студент на трета година при ФВМС, потенцираше дека тој го избрал овој Факултет поради специфичноста и разновидноста на животните, односно предизвикот истите да се проучуваат, негуваат и лекуваат.
„Би им препорачал на студентите да не дозволуваат надворешни извори да влијаат врз нивната едукација и да постапуваат како што мислат дека е правилно“, истакна студентот.
Од ФВМС порачаа дека постојано ги следат најновите методи за дијагностика и третман на животните, а тоа знаење континуирано го пренесуваат и на студентите со цел да се градат генерации на доктори по ветеринарна медицина кои ќе бидат подготвени да одговорат на сите предизвици.
„Од основањето на Факултетот континуирано ги прилагодуваме студиските програми и во чекор ги следиме најновите трендови за дијагностика и третман на животните, а со тоа им овозможуваме на нашите студенти да се стекнат со исклучително знаење во оваа област. Патем, за тоа е доказ и стручноста на докторите по ветеринарна медицина во нашата држава, кои се профилирале во оваа образовна установа. Со гордост ја градиме новата генерација на доктори по ветеринарна медицина“, потенцираа од ФВМС.
Во тек се уписите на првиот уписен рок на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.
Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје е формиран во 1991 година и е полноправна членка на Европската асоцијација на високообразовни ветеринарни установи (EAEVE).