Во период од 2 до 10 јуни ќе се проверуваат постигнувањата на учениците и објективноста при оценување на наставниците. Оваа фаза од процесот на екстерното тестирање ќе опфати вкупно 189.037 ученици од четврто одделение до трета година средно, како и 18.126 наставници во вкупно 680 основни и средни училишта.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, истакна дека прашањата ќе бидат јавно достапни.
„Од денес по 21 часот, вкупно 425.800 прашања на македонски, албански, турски и српски јазик по 5.141 предмет од сите струки и насоки ќе бидат објавени на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk. Учениците имаат речиси еден месец за добро да се подготват, односно, водејќи се по прашањата, секој во својот дел, да ја повторат веќе изучената материја во текот на учебната година“, изјави Ристовски.
Изготвените прашања се проверени и рецензирани од страна на професори ангажирани од Државниот испитен центар, но заклучно со 16 мај ќе биде отворена можноста за секој ученик, наставник, родител и секој граѓанин, доколу забележи одредена техничка грешка или евентуална нелогичност, да пријави со кликање на апликацијата поставена веднаш до секое прашање.
Министерството за образование и наука очекува дека претстојното екстерно тестирање ќе помине во најдобар ред.
„Учениците се добро информирани и запознаени со целокупната постапка и начин на реализација на полагањето, бидејќи се тестираат по втор пат. Исто така, имајќи во предвид дека овој модел веќе ги даде очекуваните позитивни ефекти при екстерната проверка на занењето на учениците од завршните години, кога речиси и да емаше технички или било какви други проблеми, очекувам и овој пат, процесот да биде успешно реализиран“, подвлече Ристовски.
Кол центрите на Државниот испитен центар ќе бидат отворени за било какви информации или пријави на техничка поддршка во деновите додека се одвива екстерното тестирање.