Пратениците денеска се враќаат на работа

Пратениците денеска продолжуваат со работа. Нивниот одмор кој официјално почна после Илинден беше ставен „на пауза“ само еден ден и тоа на 18 август за седницата за потребите за уставни измени.

Во Собранието за денеска се закажани две седници на Законодавно – правната комисија и тоа продолжение на 200-та и 203-та седница и седница на Буџетскиот совет на Собранието. Новата собраниска седница, прва по одморот, е закажана за 5 септември.

На седницата на Буџетскиот совет на Собранието на дневен ред се Предлог-одлука за давање на согласност за изменување и дополнување на Буџетот на Собранието на Република Северна Македонија за 2023 година, Предлог на стратешки план на Собранието на Република Северна Македонија за периодот 2024-2028 година, Предлог- одлука за давање на финансиска согласност на Годишниот план за вработување во Службата на Собранието за 2024 година и Предлог на буџет на Собранието на Република Северна Македонија за 2024 година.

На дневен ред на 200-та седница на Законодавно – правната комисија се останати Предлог на закон за данокот на солидарност, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, сите по скратена постапка, Предлог на закон за адвокатурата, и Предлог на закон за дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, сите во второ читање.

Закажана е и нова 203-та седница на оваа комисија, а на дневниот ред се пет автентични толкувања на членови на закони и тоа на член 117 став 4 од Законот за работни односи поснесен од пратеничката Снежана Калеска Ванчева, член 95 од Законот за градење поднесен од пратеничката Вјолца Адеми, на член 27 став 1 од Законот за судска служба поднесено од пратеникот Лолита Ристова, на членот 187 со член 161 ставови 2 и 6 од Законот за високото образование поднесен од Никола Мицевски и на член 9, став 1, точка 7 а од Законот за данокот на добивка поднесено од пратеникот Јован Митрески.

На 1 септември закажани се две седници на Комисијата за финансирање и буџет на чиј дневен ред се извештаи и финансиски извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, новата 125-та седница ја закажа за 5 септември. На предложениот дневен ред засега се 15 точки, меѓу кои, Предлог на декларација по повод сто и дваесет годишнината од Илинденското Востание и Крушевската Република и Барање за давање на автентично толкување на членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката поднесено од пратеникот Димитар Апасиев.