Пратениците го усвоија ребалансот на буџетот

Пратениците го усвоија доцна синоќа ребалансот на буџетот. За гласаа 55 пратеници, против немаше, воздржани беа 26 пратеници. Станува збор за второ прекројување на државната каса годинава иницирано од економската криза. Со ребалансот се обезбедуваат пари за дел од мерките од последниот, четврти пакет мерки.

Со ребалансот и новите проекции, прогнозата за пад на БДП се ревидира надолу на минус 4,4 проценти. Расходите во годинешниот буџет се зголемуваат за 162 милиони евра, а приходите остануваат на слично ниво. Приходите се позиционирани на 196, 4 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 253 милијарди денари.

Поради потребите се зголемува буџетскиот дефицит на рекодни 920 милиони евра или 8,4 проценти од БДП. Владата ќе има потреба да позајми дополнителни 250 милиони евра кои како што рече министерот за финансии Фатмир Бесими ќе бидат од домашно задолжување.

Со дополнителните пари ќе се реализираат мерките од четвртиот пакет меѓу кои за Домашната платежна картичка – 1,6 милијарди денари (27 милиони евра). За Државна гарантна шема и царинска гаранција – 799 милиони денари (13 милиони евра). За грантови за игротеки, туристички агенции, ресторани за свадби се предвидени 5,5 милиони евра.

Капитални расходи за годинава се 18,4 милијарди денари, пониски од првичните.