![sobranie-pratenici](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/02/sobranie-pratenici-1.jpg?resize=600%2C337&ssl=1)
Предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието ќе се најде денеска на гласање во Собанието, со којашто парламентот ќе има пет потпретседатели, а до минатиот состав тројца, од кои еден на предлог на опозицијата.
Со оваа одлука со која се зголемува бројот на парламентарните потпретседатели не се согласува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Доскорешниот координатор на пратениците од оваа партија неодамна изјави дека неговата партија нема да предложи потпретседател, но оваа одлука сега, по изборот на нов лидер и нов координатор на партијата, станува неизвесна.
Осум месеци по изборот на претседател, Парламентот функционира без негови заменици. Изборот на потпретседатели на Собранието е на дневен ред на 12. седница, а денеска треба да се одржат уште четири собраниски седници – единаесеттата, тринаесеттата, петнаесеттата и дваесет и втората седница.
Преостанати точки од дневниот ред на 11-тата седница се предлог законите за изменување и дополнување на законите за културата, за регистрирање готовински плаќања, за заштита од пушењето, за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.
На продолжението на 13-тата седница се Предлог законот за трговија на зелени пазари, по скратена постапка, како и интерпелациите за работата на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, и за труд и социјална политика, Мила Царовска.