На денешното заседание на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) беше усвоен составот на ад-хок комисијата која треба да изготви документ за реформа на мониторинг постапката, меѓу 16 членови на комисијата е и шефот на македонската делегација при ПССЕ, Александар Николоски, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во Комисијата се избрани 16 членови на ПССЕ, кое брои 315 пратеници, од нив осум се од земјите кои се во мониторинг постапка, а 8 од земји кои никогаш не биле во мониторинг постапка. Нивна задача ќе биде до јуни 2104 година да изготват документ за реформа на мониторинг постапката со цел нејзино прилагодување на новите состојби во Европа, а измените на Деловникот на ПССЕ би се применувале од јануари 2015г.
Во текот на на 2013 година на иницијатива на неколку делегации вклучително и македонската се отвори прашањето за ефективноста на мониторинг механизмот со кој се опфатени само новите членки на СЕ и земјите од Источна Европа односно тие што станаа членки по 1990 година. Тоа значеше силно исполнување на обврските од нивна страна, но во исто време занемарување на обврските од останатите земји членки, пред се во делот на заштита на човековите права и владеењето на правото.
Целта на комисијата е да предложи нов механизам кој ќе ги разреши овие недоследности.
„Сметам дека со мојот избор во ад-хок комисијата за реформа на мониторинг постапката, како и со претходниот избор за потретседател на Мониторинг комитетот ќе успеам да го промовирам моето и залагањето на неколку други делегации за така наречена „недискриминација во мониторинг постапката“, односно мониторингот да важи за сите земји членки на СЕ и да се однесува на одредени обласи и теми, а не на целите држави. Досега бевме доведени во апсурдна ситуација да одредени земји бидат во мониторинг, а да исполнуваат повеќе стандарди од други кои не се. Таков е примерот на Македонија и Грција, каде Македонија во делот на заштита на малцинските и човекови права, како и културните и јазични права е понапред од Грција, а сепак е во пост- мониторинг дијалог како нова членка, а Грција не е како стара членка. Тоа не е во ред и мора да се промени. Стандардите на СЕ се исти за сите земји членки“, изјави Александар Николоски по неговиот избор за член на ад-хок комисијата за реформа на мониторинг процесот.
Тој смета дека со реформата која ќе ја предложат ќе се даде смисла на функционирањето на Советот на Европа во променетите поитички услови во Европа во овој 21 век.
Комисјата со работа почнува на јануарската сесија на ПССЕ,а својот финален документ и препораки ќе ги предложи на усвојување на јунската сесија на ПССЕ оваа година. Промените на деловникот, како и новоусвоената мониторинг постапка треба да почне да се применува од јануари 2015 година, односно од зимската сесија на ПССЕ следната година.
Инаку, во Мониторинг комисијата, односно Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа, покрај Александар Николоски за член е избран и Игор Ивановски, со што ретко кога Македонија имала двајца претставници во оваа знчајна комисија на ПССЕ.