Пратеникот Снопче: Никој не верува дека Груевски и Мијалков ќе можеа да избегаат поддршка од МВР

Образложувајќи ја интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пратеникот Халил Снопче од Алијансата на Албанците, рече дека тоа што сега Мијалков е во притвор не е пречка да се дискутира за интерпелацијата. Таа беше поднесена по повод бегството на Мијалков.

-Го прашувам Спасовски дали чувствува одговорност? Тој рече дека одговорноста е кај системот, сакаше да се амнестира себе си заборавајќи дека е главен одговорен за системот. Се поставува прашање кој го контролира системот? Треба да има политичка одговорност. Имавме и изјава од шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска која се амнестира себе си префрлајќи ја вината во МВР и рече дека МВР ги има потребните информации. Во оваа држава имавме две спектакуларни бегства. Прво Груевски, а по него и Мијалков, без разлика што сега е во затвор. Нормално, никој не верува дека ова може да се случи без логистичка поддршка од МВР. Ние ги знаеме изјавите на министерот, тој ќе најде причини и ќе се амнестира. Меѓутоа, помеѓу неговите зборови и перцепцијата на граѓаните постои голем јаз односно никој не верува дека бегството е без логистичка поддршка од МВР, рече Снопче.

Пратеникот зборуваше и за случајот со издавањето на 214 пасоши на криминалци од странство. Посочи дека доколк акцијата била пробиена, тоа е причина плус за поднесување на оставка.

-Ако е деконспирација, тоа дополнителна причина е за одговорност. Како може да излезат информации од еден орган кој треба да гарантира безбедност и доверба, рече пратеникот.

Тој исто така додаде дека МВР е во служба на мафијата.

-МВР не работи во јавен интерес туку е ставено во служба на мафијата. Околу 60 проценти од граѓаните не веруваат во МВР и тоа е од пред скандалот со пасошите што значи дека сега довербата е уште поголема, рече Снопче.