Доцентот по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ додава и дека честото актуализирање на темата по секоја поголема политичка криза или скандал, изгледа како закана до носителите на функции да бидат полојални за да не ги „фати ветинг“
Повеќе и не може да се изброи колку пати во изминативе години на јавна сцена се исфрла идејата за т.н. ветинг на носителите на јавни функции. Иако не секогаш, потребата од прочистување или проверка најчесто се споменува за правосудството, односно судиите и обвинителите. Последен пат темата се актуализира пред две-три недели, по средбата на партнерите во владејачката коалиција.
Но, може ли туку-така да се спроведе некаква вонредна проверка, па и да се „чистат“ функционери? Има ли клима во земјава сите да му веруваат на авторитет кој потенцијално би го водел тој ветинг? Може ли да се спроведе како што замислуваат политичарите – со носење еден закон, да се изврши „филтрирање“? Ова се само некои од прашањата што му ги упативме на доцентот по уставно право Денис Прешова од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.
Александар Димитриевски, „360 степени“: Прешова, дали е можен ветинг на судии и јавни обвинители во земјава само со измена на закони или со носење некаков нов закон?
Денис Прешова, Правен факултет „Јустинијан Први“: Зависи од тоа како го дефинираме ветингот. Ние гледаме дека пред секои избори, после секој скандал во судството се актуализира прашањето за ветинг. Но, досега немаме видено конкретна дефиниција што подразбираат тие што предлагаат под поимот ветинг. Доколку тоа инволвира разрешување, некаква одговорност на судии, сметам дека за тоа се неопходни уставни измени и за тоа гледаме примери не само во регионот, туку и во останатите делови од светот, каде што имавме ваков тип на ветинг на судии. Особено на судии бидејќи Уставот е тој што ја гарантира судската независност, значи имаме уставно гарантирана судска независност и ако сакате да интервенирате во тој дел, особено во делот на одговорноста, разрешувањето, ќе треба да се направат соодветни во самиот Устав.
А. Д.: Најконкретна најава, еве, така да ја наречам, иако оди чекор понатаму, е предлог-законот коj го достави политичката партија ДУИ, а кој во суштина предвидува формирање посебна агенција која ќе го врши тој ветинг.
Д. П.: Го погледнав тој предлог-закон кој е доставен до Собранието… Еве, на пример, таа агенција треба да има за цел да го провери интегритетот и достојноста на носителот на функцијата идна и да се намали можност за корупција, криминал, злоупотреба на службената должност и нарушување на угледот на институцијата која ја претставува. Сето ова може и треба да го остваруваат веќе постоечките тела кои ги имаме, а во прва линија, односно иницијално, органот кој го именува или избира самиот функционер. И не гледам потреба од постоење на посебна агенција за такво нешто… Особено што законот е прилично штур и површен во оваа смисла и оваа агенција само ќе претставува вишок во рамките на институционалната структура која веќе постои во државата и формирање одново на нови работни места за партиски кадри.
Целото интервју може да го погледнете ТУКА