Петмината Чеси, кои во јули беа киднапирани во либанската долина Бека, се живи и се уште се наоѓаат во Либан, пишува чешкиот весник „Право“ повикувајќи се на доверливи извори од чешките безбедносни сили, објави МИА.
Aдвокатот Јан Шварц, репортерите Мирослав Добеш и Павел Кофрон, војникот Мартин Псик и преведувачот Адам Хомси, се сметаат за исчезнати заедно со нивниот возач, локален жител, кога во напуштен автомобил беа најдени нивните лични документи.
Според изворот, во случајот постои поврзаност на киднапираните и Либанецот Ал Фајад, кој со уште двајца други, беше притворен во Чешка, заради илегална трговија со дрога и оружје и чија екстрадиција во САД е веќе извесна и се чека согласност од чешкиот министер за правда.
Во врска со Фајад, во Либан се појавија информации дека бил соработник на либанската воена тајна служба.
Припадниците на чешката тајна служба не се воодушевени од тоа дека судот сака тројцата да ги испрати во САД. Така се намалува просторот за преговори во Либан. Нашите безбедносни служби сметаат дека тоа е огромна грешка, смета доверливиот извор на „Право“, кој е дел од тајните агенти.