Лазарева Сабота или Лазарица се празнува во спомен на Лазаревото воскресение. Именден празнуваат: Лазар, Лазарка, Лазо, Цветан Цвета и сите имиња што произлегуваат од билки: Лилјана, Калина…
Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица. Според преданието во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.
Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел навреме немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“.
Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим.
Кога стигнал во подножјето на Маслиновата гора Исус пратил двајца свои ученици во Витфагија да му донесат осле (магаре) и ослица. Им рекол: „Одете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана ослица и осле со неа; одврзете ги и доведете ми ги. А ако ви рече некој нешто, ќе му кажете дека му се потребни на Господа и веднаш ќе ги прати“. Учениците ги донесле, а потоа ги ставиле на ослето своите облеки врз кои седнал Исус и така влегол во Ерусалим поздравен од мноштво народ.
Ваквиот пречек на Исус во Ерусалим бил последица од неговата голема популарност меѓу народот уште повеќе зголемена по воскреснувањето на Лазара. Се поставува прашањето, зошто Исус во Ерусалим влегол качен на магаре? Толкувачите на Светото писмо истакнуваат дека кај источните народи магарето било симбол на мирот наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служело на човекот како што и Исус му служел на народот. Пречекувајќи го Исуса воодушевениот народ со цвеќе, врбови гранки, но и со својата облека го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“.
Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскресенување, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие. Затоа, впрочем и има големо значаење. Со своето воскресение Исус потврдил дека претстои воскресение за сите луѓе. „Значи нема да воскреснат само праведниците, а грешниците да исчезнат, туку сите ќе воскреснат и ќе се претстават пред Страшниот Христов Суд.“
Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот. Особено со многу лирски чувства се исполнети песните за малите деца како што е и оваа песна од зборникот на браќата Миладиновци:
Малечкоо убоо, о Лазаре!
На диван ми седеше, со јаболко играше;
мајка ле му викаше:-Малечкоо убоо!
Доста седе на диван, доста играш с јаболко,
дан’ те царот догледат, дан’ ти царство поклонит !
Уште речта не рече, ми го царот догледа
и му царство поклони.
Во зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на овој обичај во Струга, во половината на минатиот век. „Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Тој ден, а повике в недељата, в Цветници се собираат девојките по махали и направјет една од них невеста. Кого ке сретат на п’т обколисват и пејет секому по возраста му т.е. ако је неженет друга песна, ако је женат друга; ако је жена или девојка друга. Тој дават пари на невестата која му целива р’ка. Со тие пари накупвет нужните јела и се гоштевает и попраштает Лазара со ора и песни“.
Кузман Шапкарев, пак, запишал дека на овој ден „младите моми на возраст од 12-13 години, се собираат во дружина од по 5-6 девојчиња и по едно момче, одат од куќа во куќа и заедно пеат лазарски песни соодветни со состојбите и условите во секоја куќа. Штотуку влезат во собата лазарките се наредуваат исправени во полукруг или на отворен лак, обрнати со лицето кон огништето или кон домаќините и под раководство и иницијатива на танчерката испеваат една или две песни соодветни на условите во куќата. Кога ги пеат се полулуваат напред и назад со телата.
По испевањето бакнуваат рака на домаќините и домаќинките кои ги даруваат со по неколку пари или јајца. Парите ги собира танчарката, а јајцата раководителот на лазарките т.е. момчето со кошничката, кое нарочно го носи со себе. Ова последново и не пее“.
Низ цела Македонија одејќи по куќите лазарките пееле песни за сите членови од семејството започнувајќи од најстариот. Нему му се пеело за синовите, снаите, внуците, за богатство и убави абери. На машките деца им се пеело за учење во манастир: „он го пратил за три години/ од се научил за три месеци“, на девојчињата им се пеело да се омажат за царевиот син, на ергените за грабење девојка, за женидба и убав живот. На девојка за мажење и се нагласувала нејзината работливост, се пеело за нејзините дарови, за свекорот и свекрвата, за деверите, золвите и јатрвите. Особено топли чувства се испеани во песните за невестите без деца.