Пред само неколку дена, министерот Венко Филипче и вицепремиерката Радмила Шеќеринска продефилираа во Кичево и предизборно се пофалија дека кичевчани за две години ќе добијат нова болница.
Филипче рече: „Во овој момент сме пред оваа зграда, која 30 години стои како карабина, две години интензивно работевме на расчистување на проектната документација и други проблеми што ги затекнавме и конечно, со одлука на Владата се официјализираше решението да продолжи со градба втората фаза, со што Кичево ќе добие модерна болница“.
Вакви ветувања слушаме со години наназад. Истото го ветуваа и неговите претходници, исто така се шетаа и се сликаа. Се сеќаваме на прошетките на Никола Груевски и неговиот министер за здравство, Никола Тодоров.
Во април 2013-та, Тодоров од истото место каде што сега Филипче даваше изјава кажа: „Владата на вчерашната седница донесе одлука да почне еден голем инвестициски зафат на објект кој е започнат во раните деведесетти години а кој треба да прерасне во нова современа општа болница во Кичево“. Една година подоцна, истиот Тодоров повторно прошета во Кичево и најави дека новата современа болница ќе биде готова до средината на 2015-та.
Ветувања куп, ама реалноста е дека пациентите во Кичево се лечат во болница стара повеќе од 90 години, во која чекалниците личат на вистински отпад за стар мебел а новата која се ветува пред секои избори, останува само сон.
И не е проблем само објектот, граѓаните не можат да добијат ниту соодветна здравствена грижа затоа што болницата кубури и со апарати. Има и дефицит на медицински кадар. Во период кога се бориме со Ковид-19 (Кичево е еден од градовите каде нагло се зголемува бројката на нови случаи), кичевската болница не располага со ниту еден инфектолог. Има само 20-ина кревети за заболени од Ковид 19, но условите не се соодветни за состојбата и пациентите се препраќаат во Скопје, каде капацитетите речиси се исполнети.
Во меѓувреме, во една иста сала, се одвиваат и хируршки интервенции и генеколошки породувања. Двете одделенија вака функционираат со години поради недостиг од простор, а оваа здравствена установа покрива територија од околу 60.000 жители.
И тоа е така затоа што имаме министри – тендери, кои ветувања даваат на кило, а остваруваат нула. Во меѓувреме Фатмир Дехари и Али Ахмети само си градат патчиња во нивниот Зајас и тука завршува нивната грижа за Кичевчани. Битката за фотелји е поважна од битката за подобро здравство за своите сограѓани.
Нема поголем приоритет од здравјето на граѓаните. Ние знаеме поинаку. ГДУ се залага за здравствен систем со долгорочен план за развој на болниците и нивна децентрализација и автономија. Затоа на овие избори гласаме за бројот 7. Затоа што ГДУ ќе направи итни инвестиции во целокупниот здравствен сектор и ќе ги мотивира младите доктори и специјализанти да останат да работат во Македонија. Исто така, партијата бара да престане партизацијата во здравствениот сектор, да се направат промени во работењето на Фондот за здравствено осигурување за да се подигне квалитетот на здравствена заштита што ја добиваат осигурениците, да се реформира Лекарската комора на Македонија.
ГДУ ќе предложи и да се воспостават „Задолжителен пакет“ и „Дополнителен пакет“ за осигурениците. Со првиот пакет секој ќе добие здравствена заштита а вториот пакет се предвидува да биде незадолжителен и за него ќе доплаќаат само оние кои сакаат и дополнителни здравствени услуги.
ГДУ како неодложни инвестиции за следните четири години ги наведува вложувањата во регионалните болници во Велес, Штип, Струмица, Битола и Прилеп и инвестиции во кичевската, тетовската, беровската и други болници за да се намали јазот меѓу примарните и секундарните здравствени услуги.