Пред 23 години започнаа воздушните напади против СР Југославија

На 24 март во 1999 година, сојузниците од НАТО ја започнаа воздушната кампања против СР Југославија. Операцијата под кодно име „Милосрден ангел“, беше преземена под изговор дека српската власт во Косово и Метохија, подготвува геноцид на локалното албанско население.

Ден претходно, сите цивилни авиони го заобиколија воздушниот простор на СР Југославија, што беше и најсериозната најава дека во седиштето на НАТО во Брисел, веќе е донесена одлуката за бомбардирањето. Треба да се напомене и дека на бомбардирањето ѝ претстоеја и пропаднатите преговори во Рамбује, Париз.

Воздушната кампања траеше 78 дена. Бомбардерите на НАТО имаа за цел да ја уништат воената инфраструктура на Војската на Југославија, но бомби беа фрлани и врз фабрики, инфраструктурни објекти, а голема штета претрпе и електродистрибутерската мрежа во земјата.

Во бомбардирање со „прецизни“ бомби беше погоден воз во кој се наоѓаа цивили во близина на градот Грделица, потоа и конвој на косовски Албанци качени на трактори, а за легитимна цел од страна на НАТО беше прогласена и зградата на Радио телевизија Србија, во чие уништување загинаа неколку од вработените. Треба да се напомене и дека во бомбардирањето на центарот во Белград, оштетено беше и градското родилиште.

Воените дејствија запреа на 9 јуни со потпишувањето на мировниот договор во Куманово. Од Косово си заминаа припадниците на југословенска војска и српската полиција, по што безбедноста ја гарантираа припадниците на КФОР.