Пред годишнината од смртта на Махса Амини, Иран предупреди дека нема да толерира „нестабилност“

Иранската влада предупреди дека нема да толерира знаци на „нестабилност“ бидејќи се наближува годишнината од смртта на Махса Амини и неколкумесечните протести што таа ги предизвика, пишува во четвртокот AFP.

Амини, 22-годишна иранска Курдка, почина на 16. септември минатата година, откако беше приведена во Техеран поради наводно кршење на строгите исламски кодекси за прекривање на косата на жените. Според властите, младата жена во притворот на ткн морална парамилицијата починала од претходно здравствени проблеми, а не поради повреди.

Сепак, нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести ширум земјата под слоганот „Жена, живот, слобода“. Стотици луѓе беа убиени во улични судири, вклучително и повеќе од сто припадници на иранските безбедносни сили во целени терористички напади, пред властите да го задушат, како што го нарекоа „бунт“ поттикнат од странски разузнавачки служби.

Една година подоцна, отворено јавно не се најавени демонстрации за одбележување на годишнината од смртта на Амина в сабота, што се совпаѓа со државен празник.

Претседателот Ебрахим Раиси го издаде предупредувањето во телевизиско интервју во вторникот.

„Оние кои имаат намера да го злоупотребуваат името на Махса Амини под овој изговор, да бидат агенти на странците, да предизвикаат нестабилност во земјата, знаеме што ќе биде со нив“, предупреди Раиси.

Претходно беше најавено и дека безбедносните сили ќе бидат на готовност, како и дека разузнавачките и безбедносните служби ќе ги следат сите движења со цел да ги идентификуваат оние кои сакаат да излезат на улица.

Минатата недела, иранските власти блокираа најмалку пет страници на социјалните мрежи и уапсија шест лица кои ги отворија под обвинение за „организирање немири“ за годишнината.

 

Многумина трауматизирани од минатогодишните настани

Минатогодишниот бран протести се покажа како голем предизвик за иранската влада, која исто така е во непријателство со западните сили кои и покрај договорот од Виена за регулирање на тоа прашање повторно ѝ воведоа санкции поради иранската нуклеарна програма.

„Ниту еден инцидент во историјата на Исламската Република не го подели системот и народот колку смртта на Махса Амини“, рече Фајаз Захед, професор по модерна историја.

Додава дека верува оти владата „не може да зависи единствено од безбедносните (сили) и од репресивните одговори“ за да го ограничи проблемот.

Мохамад Садег Џавади-Хесар, реформски активист кој живее во североисточниот град Машхад, вели дека многу луѓе „сѐ уште се трауматизирани од минатогодишните настани“.

Покрај крвопролевањето, повеќемесечните протести доведоа и до апсење на илјадници луѓе.

Во февруари, иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, прогласи крај на немирите и пораз на „заговорот“ поттикнат од „непријателот“, со кој тој се осврнува на западните влади и иранските опозициски групи во егзил кои ги поддржаа демонстрациите.

Во понеделникот Хамнеи ги обвини Соединетите држави, заколнатиот непријател на Техеран, дека имаат намера да ги искористат „прашањата за кои веруваат дека можат да предизвикаат криза во Иран“, вклучително и прашањето за жените.

Жените во Иран се обврзани да ги покриваат главите и вратот веднаш по револуцијата во 1979 година и се охрабруваат да носат поскромна облека.

 

Економски грижи

Иако минатогодишните протести стивнаа, многу Иранки, особено во главниот град Техеран, сѐ повеќе им пркосат на строгите правила за облекување.

„Најзначајниот ефект што движењето Махсе Амини го имаше врз иранското општество е промената во општеството, кое стана пошарено и поживотно. Женската облека значително се промени“, објаснува Захед и додава дека забележал „поместување кон посветли бои“

Властите реагираа со инсталирање на камери за надзор на јавни места за следење на почитувањето на правилата и со затворање деловни простории што ги прекршуваат.

Иранскиот парламент расправаше за нацрт-закон со кој ќе се заострат казните за оние кои ги прекршуваат правилата за облекување. Но, не сите поддржуваат построги казни.

Истакнатиот шиитски свештеник Големиот ајатолах Насер Макарем-Ширази рече дека се противи на употребата на „насилство и притисок“ за да се спроведе обврската за носење шамија со хиџаб. Реформистичките лидери, исто така, го осудија неодамнешното отпуштање на десетици универзитетски професори. Локалните медиуми цитираа неколку професори кои рекоа дека биле отпуштени поради нивните политички ставови, односно нивната поддршка за протестите.

Иако прашањето за хиџабот останува клучно, за многумина во Иран, каде што инфлацијата е речиси 50 отсто, приоритет се економските грижи, рече активистот Џавади-Хесар.

„Главното барање на народот е подобрување на економската состојба и тоа е пред граѓанските и политичките слободи“, објасни тој.