Пред Нова Година нов предлог за името?

Медијаторот Метју Нимиц „крчка“ нов предлог за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција. Премиерот Зоран Заев денеска откри дека го побарал од посредникот во разговорите за името во крајот на годинава да достави нов предлог решение.

„Јас го повикав медијаторот Метју Нимиц некаде ноември, декември, јануари кога смета дека е соодветно да излезе со можни алтернативи на решенија. Намерата ни е заедно со опозицијата да го решаваме ова прашање, заради тоа што е интерес на сите граѓани на РМ и значи и владејачките и опозициските партии. Значи во функција да се најде решение, а не да се одложува. Долги години Македонија чека пред вратите на НАТО и треба да направи чекор и да стане полноправна членка на НАТО и да почне преговори со ЕУ“, изјави премиерот Заев при денешната посета на Арачиново по повод празникот Курбан Бајрам.

Поканата до медијаторот Нимиц е испратен само ден по посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас која се толкува и како посета со цел подготовка на терен за интензивни преговори за името. Коѕијас во изјавата по средбата со својот македонски колега Никола Димитров истакна дека посакува брзо решение на отворените прашања меѓу двете земји и дека Грција цврсто стои зад македонските евроатлантски амбиции. Но, шефот на грчката дипломатија иако добро расположен јасно истакна дека без решавање на спорот во Атина нема расположение да и’ се дозволи на „милата соседна северна земја“ прием во НАТО или пак отпочнување на преговорите со Унијата.

„Што се однесува до НАТО, постојат одлуките од Букурешт и со тие одлуки и нивното реализирање оваа земја ќе стане член на НАТО. Како сега ќе се реализираат тие одлуки на НАТО не зависи од нас, туку зависи од тие што треба да одлучат. Ние ја сакаме оваа мила наша северна земја и во НАТО и во ЕУ, но ќе треба сето тоа да се оствари врз основа на правилата на ЕУ и НАТО. Државата кај што се наоѓам денеска има и европско лидерство, и европска Влада и европска перспектива, но елемент на европската перспектива е да се почитуваат одлуките и правилата“ рече Коѕијас.

Грчки „Катимерини“ денеска објави подетални информации за планот за решавање на спорот за името, кои се потврдија со денешната изјава на премиерот Заев. Според информациите на весникот, преговорите кои ќе стартуваат на крајот на оваа година по одржувањето на локалните избори во земјава. Разговорите со посредство на медијаторот Нимиц, според влијателниот грчки весник, ќе се интензивираат во текот на 2018 година, а очекувањата се дека процесот ќе заврши до 2019 година. Резултатот би бил промена на уставното име на Република Македонија, прием во Алијансата и почеток на преговори за влез во Унијата.