Пред влегувањето во еврозоната паѓа поддршката за еврото во Хрватска

Поддршката за воведувањето на еврото во Хрватска паднала за еден година за 7 отсто, покажува истражувањето на Eurobarometer, според кој Хрватите најмногу стравуваат од растот на цените и мислат дека со заминувањето на националната валута куната во историјата ќе биде загубен дел од идентитетот.

Eurobarometer во петокот ги претставил резултатите од истражувањето на јавното мнение спроведено во април за ставовите на граѓаните за воведување на еврото во земјите членки на Европската унија кои сѐ уште не ја користат заедничката валута.

Во Хрватска 55 отсто од анкетираните одговориле дека се за воведувањето на еврото, што е за 7 процентни поени помалку во однос на минатата година кога еврото имало поддршка од 62 отсто.

Според истражувањето, Хрватите најмногу стравуваат дека еврото ќе доведе до раст на цените, и тоа 81 отсто од анкетираните.

Речиси половината, или 49 отсто, сметаат дека воведувањето на еврото ќе има негативни последици за Хрватска, а 45 отсто дека ќе има позитивни ефекти. Само 37 отсто од анкетираните сметаат дека земјата е подготвена за воведување на еврото, а 58 отсто дека не е.

Дека со воведувањето еврото земјата ќе загуби дел од својот идентитет сметаат 57 отсто од Хрватите, а 42 отсто дека нема, покажува споменатото истражување.

Најголема поддршка за воведување на еврото е забележана во Романија од 77 отсто и во Унгарија од 69 отсто, а најмала во Бугарија и Чешка од по 44 отсто, како и во Шведска од 45 отсто.

Од овие седумте земји од ЕУ коишто изразиле подготвеност да ја заменат националната валута со еврото, единствено Хрватска ги исполнила сите критериуми за влегување во еврозоната. Во јули се очекува конечното решение на Советот на ЕУ и се очекува дека од 1-ви јануари 2023 година, еврото ќе стане и хрватска валута.