Предлог – законот за јавно обвинителство е пристигнат во Собранието на Македонија, а по формалната проверка ќе биде доставен до пратениците, соопштија од Кабинетот на претседателот на Собранието. Засега нема информација кога ќе биде закажана седница на која ќе треба да се гласа за законот.
Во Собранието се одржува редовна понеделничка средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи на која се очекува да биде дефинирана агендата за парламентарната работа пред распуштањето кое се очекува да се случи неделава, кога и треба да бидат закажани предвремените парламентарни избори најавени за 12 април. По координацијата со Џафери се очекува да биде соопштено кога законот за јавно обвиниктелство ќе се најде на пленарна седница и кога ќе се одржат продолженијата на уште една до две седници. За утре веќе е најавено обраќањето на претседателот на словенечкиот збор Дејан Жидан, а потоа и свечената седница за ратификација на протоколот за НАТО што ќе биде со одложено дејство.
Владата, претходно денеска, соопшти дека го утврдила Предлог-законот за јавно обвинителство и оти тој е усогласен во претходна постапка во Собранието и во него се вградени решенија што обезбедуваат функционирање на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности со прeдвидени услови за фер и еднаквост на страните во правосудната постапка.
-Решението на Предлог-законот гарантира дека сите судски процеси кои беа во надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон за да добијат правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази, се вели во соопштението од Владата.
Новина во Предлог-законот, според Владата, е изборот на јавен обвинител во обвинителството за организиран криминал и корупција кој ќе се се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Македонија. За Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Советот ќе го именува кандидатот кој што ќе освои најмногу гласови од листата на пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите согласно овој закон.
-Предметите од надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите преземени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се распоредуваат на јавните обвинителства на натамошно кривично гонење согласно нивните надлежности утврдени со овој закон, се посочува во соопштението од Владата.
На седницата е утврден и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, кој исто така на Собранието на Македонија му се предлага да биде усвоен по скратена постапка.