Предлог- законот за дополнување на Законот за државното правобранителство, како што соопштуваат од Министерството за правда, пред пратениците ќе се најде на собраниската седница на 15 јануари.
-Со измените кои ги предложи Министерството за правда се предвидува натамошно подобрување на одредбите во насока на обезбедување на можност за мирување на државноправобранителската функција во случај државните правобранители да бидат избрани или именувани на друга функција или должност. Ова се наметна како потреба од воведувањето на неограничениот мандат на кои се избираат државните правобранители, велат од МП.
Предлог-законот за дополнување на Законот за државното правобранителство содржи три члена, со кои се предвидува натамошно подобрување на одредбите во насока на обезбедување на можност доколку државниот правобранител е избран од редот на државните правобранители за Државен правобранител на Република Северна Македонија по истек на времето за кое е именуван, а со негова согласност Владата на Република Македонија да го именува за функцијата државен правобранител за подрачје каде што претходно ја обавувал државно правобранителската функција.
Измената, како што појаснуваат од Министерството за правда, се предлага како потреба од воведувањето на неограничениот мандат на кои се именуваат државните правобранители.
Со предложените измени се предвидува и усогласување на одредбите од законот со Законот за употреба на јазиците.