Откако Владата денеска го повлече предлог-законот за средно образование од собраниска процедура, министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека тоа е сторено за да не се дозволи ДУИ да го закочи усвојувањето на новата правна регулатива во образованието, на која се работело во изминатиот период.
Вели дека нема да дозволи политички партии да добиваат поени и да си ги креваат рејтинзите преку игри во образованието и на штета на воспитно-образовниот процес.
„Користејќи националистички реторики, обвинуваат за создавање наводно некаква си меѓуетничка нерамноправност. Убаво ќе беше да си ја сакаат татковината, државата каде се образуваат, работат и земаат плата и да изразат почит кон нејзините симболи. Но, гледаме нешто друго… Заради остварување на партиски цели и програми, спремни се да го спречат развојот, јакнењето на основниот столб на државата – образованието. Со вакви потези, несвесно тие го уназадуваат и воспитно-образовниот процес на сите деца, независно на која етничка заедница припаѓаат. Но, очигледно тоа и не е така важно“, напиша Јаневска на Фејсбук.
Министерката додава дека предлог-законот за средно образование, кој, меѓу другото, предвидуваше можност за интонирање на македонската химна во училиштата, ќе почека некоја недела за да биде усвоен, а дотогаш Владата и МОН како негови предлагачи ќе ја подобрат неговата содржина.
На пратениците од ДУИ им порача дека Владата ќе продолжи да ги спроведува промените кои ги бара народот.
„Во меѓувреме, ќе продолжам да се заложувам за јакнење на меѓуетничките односи особено меѓу младите генерации во Македонија и на целосна интеграција на ова општество. За следната година веќе предвидовме повеќе средства за училишни активности кои ќе ги зближуваат младите од различните етнички генерации“, додава Јаневска.
Владата со допис денеска го повлече предлог-законот за средно образование од собраниска процедура.