Предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање е невнимателен

Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, беше гостин во емисијата „Трилинг”, каде што говореше за пензискиот систем во Македонија. Тој го критикуваше предлогот на Фискалниот совет за нагло зголемување на старосната граница за пензионирање, оценувајќи го како краткорочна и непрофесионална мерка.

„Предлогот на фискалниот совет беше невнимателен, ниту една земја досега не постигнала нагло зголемување на старосна граница. Има земји кои што се во тек, ќе се донесе некоја мерка, но тоа трае со години, по три месеци секоја година, некаде по шест. Не може вие на вработени кои што очекуваат да се пензионираат наредната година да им кажете дека ќе мора да работите уште три години“, изјави Славески.

Славески ја нагласи важноста од разгледување на корените на проблемите што го оптоваруваат пензискиот систем. Според него, задолжителниот пензиски фонд во Македонија се соочува со сериозен дефицит кој не може да се реши само со краткорочни мерки како зголемување на старосната граница.

„Сега останува на Владата да бара други решенија, секако е голем товар дефицитот во пензискиот фонд кој што се финансира од буџетот, но малку е чудно зошто нема кај нас дебата околу генезата на тој дефицит. Јас сум повозрасен и ги помнам уште првите дискусии во 2000-та година да го воведеме Вториот пензиски фонд, поради притисокот што го изврши Светска банка. Таму беше предвидено дека за десетина години ќе има т.н транзициски дефицити. Не може така ако одземете 1/3 од придонесот на државниот пензиски фонд на ПИОМ и ги префрлите во приватни пензиски фондови нормално дека ќе дојде до дефицит“, истакна Славески.

Славески додаде дека, иако се очекуваше транзициски дефицит тој продолжува да расте и денес, дури три децении по започнувањето на реформата. Според некои истражувања, овој дефицит може да трае и до 50 години, или пак никогаш да не се реши.

„Според некои истражувања тој транзициски дефицит кој што кај нас се провлекува веќе трета деценија може да трае дури и половина век. Главната причина е тоа што му се одземаат средства. Вториот пензиски фонд се формираше на тој начин што 1/3 од средствата, во државниот пензиски фонд отидоа во приватните пензиски друштва“, заклучи Славески.