Разговорите помеѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и бугарскиот премиер Бојко Борисов беа добри, но разговорите помеѓу бугарската министерка Екатерина Захариева и Османи не се баш добри, рече премиерот Зоран Заев за посетата на Османи на Софија во петокот.
„Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, ниту најмалку е европско. Ако тоа така остане треба да го подготвиме македонскиот народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која ја очекуваме во декември. Но, јас верува дека тоа не став на премиерот Бојко Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ниту на бугарскиот народ и ќе направиме сè овие претстојни денови да изнајдеме решение“, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот порача дека земјава ја прифатила заедничката историја како нешто што е составен дел од нашето минато, но и дека Северна Македонија, исто како и Бугарија, има и своја посебна историја.
Сепак, тој очекува дека со бугарскиот колега Борисов, ќе успеат да најдат решение, како што се пронајде за пет историски личности или три историски периоди кои заедно ќе се чествуваат.
„Верувам овој следен четврти период ќе го решиме. Одличен мегдан е нашиот историски, заеднички јунак Гоце Делчев за да нè сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме сè што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат затоа што нашиот сон е Европа која го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и во нашите соседи“, исткана Заев.
Тој очекува и претседателите на двете земји, Стево Пендаровски и Румен Радев, да дадат поддршка на овој процес за да се покаже дека двете земји кои се братски поврзани, имаат европски вредности.
Заев во изјавата упати и низа пофалби на сметка на Борисов и порача дека очекува соработката да продолжи.
„Многу пати имам истакнато дека премиерот Борисов направи многу за Бугарија, но направи и многу за Западен Балкан и европеизацијата. Тој успеа да го врати целиот фокус на западноевропските или северноевропските земји кон иднината на Западен Балкан во ЕУ. Го организираше самитот за Западен Балкан и посвети огромно внимание. Беше овде во поддршка на решавањето на сите проблеми во регионот. Отворивме огромни соработки помеѓу двете земји и верувам дека тоа така и ќе продолжи“, рече Заев.