Предноста на ВМРО-ДПМНЕ во анкетите гарантира стабилно мнозинство и отпорност на уцени за составување влада

ВМРО-ДПМНЕ има постојано водство во истражувањата на јавното мнение кои беа објавени последниот период, и според нив на неполн месец пред одржувањето на предвремените парламентарни избори има предност од повеќе десетици илјади гласови што му овозможува за многу малку да се доближи до бројката потребна за поддршка за составување влада.

Според најновата анкета спроведена од Институтот  „Habeas Corpus” дури 22, 5 проценти од граѓаните одговориле дека би гласале за ВМРО-ДПМНЕ доколку утре се одржат парламентарни избори. Коалицијата СДСМ/БЕСА има помала доверба кај граѓаните и според анкетата би го добила гласот од 20 проценти од нив.

Во албанскиот блок за ДУИ би гласале 6,1 процент, додека за Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива гласот би го дале 4,5 отсто од анкетираните.

Под еден процент поддршка имаат Левица и ДПА, додека одговор немале 15,3 проценти од анкетираните. Тринаесет отсто одговориле дека нема да гласаат за ниту една од наведените партии, додека на ова прашање не сакале да одговорат 18 проценти од анкетираните.

Слични беа резултатите од анкетата која во мај ја објави порталот МКД.мк, во која меѓу определените гласачи побројни се оние што ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ – 14,6 отсто, а за СДСМ ќе гласаат 13 проценти од определените гласачи. Но меѓу македонското гласачко тело за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 21,5 отсто, а за СДСМ 14,2 отсто од определените гласачи.

Во анкетата на МКД.мк процентуално разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е речиси идентична како и по пребројувањето на гласовите на изборите во декември 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои речиси 20.000 гласови повеќе од 51 пратеник, односно два повеќе од СДСМ.

Но според анкетата на „Habeas Corpus”, во којашто разликата меѓу двете партии е речиси двојна, и поради очекуваната помала излезност поради кризата, според процените може да изнесува над 75.000  гласови разлика во полза на ВМРО-ДПМНЕ.

Таквиот исход кој би резултирал со најмалку пет пратеници повеќе, од своја страна, на ВМРО-ДПМНЕ му овозможува да се приближи до неопходната бројка од 61 пратеник во Собранието, кои би ја поддржале владата предложена од мандатарот Христијан Мицкоски.

Истовремено, таквиот резултат го прави ВМРО-ДПМНЕ „отпорен“ на притисоци и условување и неоппходнота од коалицисрање со ДУИ. Особено откако партијата на Али Ахмети на минатите избори го напушти од неа самата наметнатиот принцип на владина коалиција на победникот во македонскиот и во албанскиот електорат.