Предупредувањето на амбасадата на САД за напади во Русија делумно се засноваат на информации за Исламската држава

Американски функционери тврдат дека објавувањето на почетокот на март на веб-страницата на амбасадата на САД во Москва за подготовка на екстремистички напади во руската престолнина делумно се засновало на разузнавачки информации за огранок на џихадистичката организација Исламска држава, според напис во весникот The Washington Post.

Во написот се потсетува дека на 7-ми март, осум дена пред почетокот на тридневното гласање на руските претседателски избори, американската дипломатска мисија во Москва „известила дека ги следи извештаите дека екстремисти имаат планови за напад на локации на големи собири на луѓе во Москва, вклучително и концерти“. Тогаш амбасадата на САД ги повика американските државјани да ја напуштат Русија и ги предупреди да „избегнуваат масовни собири во следните 48 часа“.

„Како што изјавија за The Washington Post двајца американски функционери, кои зборуваа под услов да останат анонимни, предупредувањето делумно се заснова на разузнавачки податоци за можни дејства во Русија од страна на огранокот на Исламската држава во Авганистан и Пакистан, таканаречната Исламска држава во Хорасан. Другите амбасади на западните земји го повторија ова предупредување“, се наведува во текстот.

Шефицата на службата за односи со јавноста на Советот за безбедност на Белата куќа, Адриен Вотсон, изјави во петокот во врска со терористичкиот напад крај Москва, дека САД во март наводно споделиле информации со руските власти за терористички напад кој се подготвува во Москва.

Во врска со оваа изјава на Вотсон, извор од руското разузнавање за агенцијата ТАСС потврдил дека „таква информација навистина е добиена“. Меѓутоа, истовремено соговорникот нагласил дека информацијата „имала општ карактер, без никаква конкретизација“ на податоци.