
Европската организација за безбедност на воздушната пловидба Eurocontrol од вторникот вечерта ги предупреди авиокомпаниите да бидат претпалзиви во источното Средоземје поради можните воздушни удари врз Сирија во текот на следните 72 часа.
Од Eurocontrol соопштија дека во споменатиот период би можело да бидат употребени проектили воздух-земја, како и/или крстосувачки проектили, како и дека постои можност од повремени нарушувања на опремите за радио навигација.
„Треба внимателно да се размисли кога се планираат летовите во областа на источното Средоземје и Никозиското подрачје..“, соопшти агенцијата на својата интернет страница во врска со наведените подрачја на воздушниот простор, без да го наведе изворот на можни опасности.
Eurocontrol во своето предупредување наведе документ на Европската агенција за воздухопловна безбедност, европскиот регулатор за безбедност во цивилното воздухопловство.
САД и Русија спореа во вторникот во Советот за безбедност при Обединетите нации околу наводното употребување на хемиско оружје во Сирија. Вашингтон и неговите сојузници разгледуваа да извршат воздушни удари врз силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, иако досега не е понуден ниеден доказ кој ги потврдува обвинувањата.
Русија и Иран, сојузници на владата во Дамаск, пак, негираат дека таков напад воопшто се случил, и предупредија „на несогледиви“ последици од евентуална воена акција на Западот во Сирија.