
“Црвената фурија” во финалето славеше против Литванија со 80:63 (19:8, 22:25, 19:10, 20:20), со што ја потврдија својата доминација на ова Европско првенство.
Предводник кај Шпанците беше По Гасол со 25 поени, 11 скока и 4 асистенции, додека 11 поени за Шпанија постигна Фернандез. Кај Литванците, Сеибутис и Калниетис постигнаа по 13 поени, а Валанчиунас заврши со 10 поени.
Гасол е МВП на Европскиот шампионат
Сосема очекувано, ѕвездата на шпанската репрезентација По Гасол е МВП на Евробаскетот 2015. Со годинашното признание, Гасол стана најстариот кошаркар, со своите 35 години, кој стигнал до признанието МВП на Европско првенство.

Гасол го надмина Русинот Анатолиј Конев кој во 1953 беше прогласен за МВП на ЕП на 32-годишна возраст. По Гасол едногласно беше прогласен најкорисен играч на турнирот на кој неговата Шпанија се врати на европскиот врв.
Гасол на 9 натпревари на првенството просечно запиша 25,5 поени со 57% шут и 8.8 скока. Извонреден ефект на еден од најдобрите европски кошаркари.
Крунисувањето на Шпанците како владетели на Европа го следеа 27.372 гледачи во арената во Лил, што е нов кошаркарски рекорд на европскиот континент.