Фудбалерите на Борусија Дортмунд дојдоа во неделата на чекор од освојувањето на германското првенство, откако во мечот од претпоследното 33-то коло на Бундеслигата на гостувањето го совладаа Аугсбург со 3:0, па пред решавачкиот преостанат еден натпревар имаат два бода предност пред минхенски Баерн.
Доминацијата на Баварците во националното првенство, се чини, се ближи кон крајот. Откако Баерн последните десет години ги освои титулите, Борусија Дортмунд сериозно се заканува да ја прекине неговата низа.
Борусија со гостинската победа го презема водството на табелата со 70 бодови, два повеќе од Баерн и во последното коло сѐ зависи од неа. Во последните 90 минути тимот што го води Един Терзиќ дома ќе игра против Мајнц за титулата, деветта во историјата на клубот, а прва по 2012 година.
Аугсбург, кому сѐ уште му се заканува испаѓање, одлично се бранеше, па дири и по 38 минута кога остана со играч помалку по исклучувањето на Феликс Удокаи. Но домашната мрежа ја начна Себастијан Халер во 58 минута, кој погоди и во 84 минута, а Јулијан Бранд ја потврди победата во четвртата минута од судиското продолжение на натпреварот.
Аугсбург остана на 14-то место со 34 бодови, два повеќе од 16-то на кое е Бохум од кое се игра доигрување за опстанок, а три од претпоследниот 17-ти Шалке.
Во претходно одиграниот натпревар Штутгарт на гостувањето со 4:1 го победи Мајнц и избега од зоната на испаѓање. Домашните поведоа во 23 минута преку Маргус Ингвартсен, но следеше големиот пресврт на гостите со головите на Ватару Ендо во 41, Серху Гуираси во 64, Крис Фухрих во 78 и Тангај Кулибали во 91 минута.
Мајнц е безбеден на 9-то место со 45 бодови, а Аугсбург со трите бодови дојде до во моментов безбедното 15-то место, но само со бод повеќе од 17-от Шалке кој е во зоната на испаѓање.
Во последното коло Штутгарт дома го чека Хофенхајм, Бохум ќе биде домаќин на Баер Леверкузен, додека Шалке ја има најтешката задача на гостувањето кај РБ Лајпциг. Доколку две екипи имаат исто број бодови, се гледа гол-разликата, потоа бројот на постигнати голови а доколку сите тие параметри се израмнети ќе решава меѓусебниот сооднос.
Во последниот натпревар во неделната програма Баер Леверкузен одигра 2:2 со Борусија Менхегладбах, иако „Аптекарите“ имаа водство од 2:0 остварено со головите на Амине Адли во 15 и Керем Демирбеј во 20 минута. Сепак гостите во вториот дел успеаја да израмнат преку Јонас Хофман во 58 и Ларс Стиндал во 90 минута, а четири минути подоцна во судиското продолжение домашните остана без исклучениот Пјеро Хинкапи.
Баер сега е шести со 50 бодови и ја држи позицијата којашто оди во Конференциската лига, која ја напаѓа и Вофлсбург кој има бод помалку. Тимот од Менхенгладбах е 11-ти со 40 бодови.