Преглед Евролига: Продолжува низата победи на Реал, белградските екипи поразени, Фенер подобар во турското дерби

Кошаркарите на Реал Мадрид продолжија да доминираат во овосезонското издаение на Евролига и го победија францускиот Асвел со 77:76 на гости во 17. коло.

Доволно беше мадриѓаните да имаат добро одработена последна четвртина, односно серија од 19:2 во воведните седум минути од последната делница, во која влегоа со заостанување зад Асвела, еден од најслабите тимови во Евролигата. Во самата завршница домашните се заканија, израмнија на 74:74 и имаа шут за победа во последната секунда, но не успеаја да му го нанесат вториот пораз сезонава на Реал.

Реал го предводеа Винсент Поаре со 17 поени и седум скока и Валтер Таварес со 16 поени и 12 скока.

Кошаркарите на Партизан се поразени од Виртус Болоња со резултат 77:75. По почетното израмнување, Виртус ја искористи првата значајна предност и поведе со 12:7, а потоа гостите се одлепија на 21:10, што предизвика крајно бурна реакција на Жељко Обрадовиќ, кој побара минута одмор за да ги прекори и разбуди неговите играчи. Тоа даде резилтат, па Партизан заигра многу поактивно и водени од ПиЏеј Дужер и Џејмс Нанали се доближи на 23:18. Преку Бруно Кабокло „црно-белите“ успеаја да израмнат, но не и да направат пресврт по 23:23. Наместо тоа, Виртус направи серија од 11:2 и отиде на 34:25, а предноста потоа се зголеми на 38:27 и 41:28 со „тројката“ на Даниел Хакет. Сепак, од тој момент Бруно Кабокло се „додаде гас“ и ги поведе „црно-белите“ кои врзаа осум поени и на последниот одмор заминаа со негатива од пет поени, 26:41.

Наместо да продолжи со ист ритам на почетокот на вториот дел, Партизан повторно влезе во големи проблеми, па Виртус ја врати разликата на 13 поени (49:36), но „црно-белите“ успеаја уште еднаш да го доведат натпреварот во неизвесност и дојдоа до минус од два поени (52:54). Следеше драма при која гостите имаа предност, а Партизан ги пропушти шансите. Во еден момент „црно-белите“ имаа четири напади за пресврт, но беа неуспешни, промашија и Зек Ледеј и Кевин Пантер, додека Френк Камински со неколку уфрлување успеа да ги задржи „црно-белите“ во игра.

Во секој случај статусот херој ќе му припаднеше на Огњен Јарамаз, кој речиси сам во второто полувреме со погодоци и одбрана во клучните моменти ја одржуваше екипата на Партизан, па дури по грешката на Ледеј во самата завршница успеа да дојде до офанзивен скок, но Бруно Кабокло направи прекршок во нападот.

На крајот „црно-белите“ беа поразени со 77:75 и со тоа по вторпат загубија меч на домашниот паркет, а осми пат од почетокот на сезоната претрпеа пораз.

Кошаркарите на Црвена ѕвезда беа поразени во Атина од Панатинаикос со резултат 65:82. „Црвено-белите“ одиграа уште еден лош натпревар, погодија само 4/25 за три поена, а Пао имаше предност речиси во текот на целиот натпревар. Ѕвезда имаше неколку можности за пресврт на натпреварот, особено при 50:57 во третата четвртина, но Пао успеваше да се одбрани од сите напади и на моменти играше одлична одбрана, а гостинскиот тим промаши и неколку отворени шутеви.

Најдобар во дресот на победничката екипа беше Костас Митоглу со 15 поени и пет скока, додека Јеријан Грант имаше 14 поени, а Лесор 13 со четири фатени топки. Кај Ѕвезда се истакнаа Џоел Боломбој и Немања Недовиќ со по 15 поени. Покрај нив, Јаго дош Сантош впиша 12 поени и четири асистенции, додека Лука Митровиќ имаше 12 поени и шест скока, но српскиот центар се повреди во третиот период и потоа не се врати на паркетот. Милош Теодосиќ беше одлично чуван, а мечот го заврши без поени и со само три асистенции.

Ѕвезда ја заврши полусезоната со скор 6-11, додека Панатинаикос има 10-7 и моментално е четврти на табелата.

Во турското дерби Фенербахче го совлада Анадолу Ефес со 89:84 како гостин. Победничкиот тим го предводеше Најџел Хејс-Дејвис со 24 поени и шест скока, додека Ник Калатес додаде 17 со осум асистенции. Кај Анадолу Ефес најдобар беше Шејн Ларкин со 28 поени, пет скока и асистенции.

Убедлив лидер на табелата и натаму е Реал, кој сега има скор од 16-1. Следи Виртус Болоња со скор 12-5, додека Барселона има 11-5 со натпревар помалку. Фенербахче, Макаби и Панатинаикос имаат по десет победи и седум порази.