Преглед Евролига: Ѕвезда го доби Партизан, Фенер го разби Макаби

Кошаркарите на Црвена звезда го совладаа Партизан со 88:72 во белградското дерби кое се одигра во рамките на 19. коло од Евролигата, а најубедливата победа на вечерта ја оствари Фенербахче кој во Истанбул го совлада Макаби Тел Авив со 109:74.

Кошаркарите на Црвена ѕвезда пред своите гледачи во белградската Арена го совладаа Партизан со резултат 88:72 во натпреварот од 19. коло на Евролигата. Ова беше прва победа на Ѕвезда во вечните дербија сезонава, откако Партизан ги доби претходните две.

Ѕвезда водеше речиси целиот натпревар, а прашањето за победникот беше решено уште во првото полувреме, кога дојде до предност од 21 поен. Партизан имаше неколку налети во вториот дел и се доближи на едноцифрена негатива, но Џејлин Смит и Кевин Пантер промашија удари за „тројки“, по што брзо стаса казната на другата страна.

„Црно-белите“ имаа проблеми во организацијата на играта креирањето, но и во пристапот кон играта, додека домаќинот уште од самиот старт беше многу добар во одбраната, а во нападот трпеливо се бараа решенија.

Најдобар во дресот на Ѕвезда беше Немања Недовиќ со 16 поени, но неочекуван херој беше Фреди Гилеспи со 14 поени и пет скока. Рокас Гидраитис имаше ист број поени како и Гилеспи, а Милош Теодосиќ имаше 13 поени и седум асистенции. Кај Партизан, Пантер постигна 17 поени, додека Пи Џеј Даузер 12 поени.

Ѕвезда сега има скор 8-11, додека Партизан е на 10-9. Во следното коло Ѕвезда гостува кај Асвел, додека Партизан го пречекува Макаби.

Двете екипи влегоа нервозно во натпреварот, имаше многу грешки и промашувања, но Ѕвезда предводена од Ханга и неговите две „тројки“ отиде на плус 7. Потоа на сцена стапи Гилеспи, кој брилијантно се отвораше од блоковите и поентираше на обрачот, па првата четвртина беше решена со резултат 24:13.

„Црвено-белите“ не застанаа ниту на почетокот на вториот период, па по „тројката“ на Гедраитис резултатот беше 32:16. До крајот на првото полувреме Ѕвезда ја зголеми предноста, но и Партизан пропушти голема шанса да фати приклучок. Пантер одвај најде простор и дојде до поени, а Нанели ја казни изгубената топка на Ѕвезда за минус 15. Недовиќ по тајм-аутот погоди „тројка“, а „црно-белите“ прокоцкаа уште еден напад. Сферопулос побара тајм-аут, извлече акција, а Теодосиќ со звукот на сирената постигна „тројка“ за 50:29.

Третиот период Ѕвезда го отвори со нешто послаб напад, но Партизан тоа не го искористи најдобро. Тристан Вукчевиќ предничеше во преземањето лошите одлуки, а Ѕвезда главно одржуваше предност од 17 поени преку Теодосиќ пред последните 10 минути. Камински со пет врзани поени на почетокот од четвртата делница го доближи Партизан на минус 9, а потоа Ханга ја загуби топката во пренесувањето. „Црно-белите“ не казнија во следните два напада преку Пантер и Смит, а Гидраитис погоди „тројка“ на спротивната страна за 80:68. Теодосиќ и Недовиќ со сигурност и пробиви ставија точка на победата на Ѕвезда.

Најубедливата победа на вечерта ја оствари Фенербахче кој во Истанбул го совлада Макаби Тел Авив со 109:74. Во убедливата победа против Макаби, Фенербахче го предводеше Тајлер Дорси со 21 поен, а Вејд Болдвин и Бонзи Колсон постигнаа по 13 поени за израелскиот тим.

Асвел ја прекина серијата од десет порази со ред и ја постигна третата победа сезонава, победувајќи го Жалгирис со 93:79 пред своите гледачи. Тимоти Луваву-Кабаро беше најдобар стрелец кај домашниот тим со 27 поени, а Јусуфа Фол и Парис Ли постигнаа по 22 поени. Кинан Еванс со 21 поен ги предводеше стрелците на Жалгирис.

Највозбудливиот натпревар се одигра во Пиреа меѓу Олимпијакос и Монако, а домашните победија со 75:73. Најдобар стрелец кај победничката екипа беше Исаја Канан со 16 поени, а Монако го предводеше Мухамаду Џаитех со 14 поени.

Евролига – 19. коло
Фенербахче – Макаби Тел Авив 109:74
Црвена ѕвезда – Партизан 88:72
Асвел – Жалгирис 93:79
Олимпијакос – Монако 75:73

Во петок ќе играат:
Алба Берлин – Виртус Болоња (19.00 ч.)
Барселона – Басконија (20.30 ч.)
Армани Милано – Баерн (20.30 ч.)
Валенсија – Панатинаикос (20.30 ч.)
Реал Мадрид – Анадолу Ефес (20.45)

ТАБЕЛА

1. Реал Мадрид 18 16 2 1553:1337
2. Виртус Болоња 18 13 5 1486:1449
3. Барселона 18 12 6 1485:1422
4. Олимпијакос 19 11 8 1443:1391
5. Фенербахче 19 11 8 1559:1522
6. Макаби Тел Авив 19 11 8 1623:1657
7. Панатинаикос 18 10 8 1447:1384
8. Монако 19 10 9 1525:1498
9. Партизан 19 10 9 1570:1561
10. Валенсија 18 10 8 1362:1354
11. Басконија Виторија 18 10 8 1471:1478
12. Црвена ѕвезда 19 8 11 1547:1518
13. Баерн 18 8 10 1394:1436
14. Армани Милано 18 7 11 1404:1367
15. Анадолу Ефес 18 7 11 1457:1565
16. Жалгирис 19 6 13 1483:1532
17. Асвел Лион-Вилурбејн 19 3 16 1477:1634
18. Алба Берлин 18 3 15 1362:1543