Преглед ФА Куп: Ливерпул го елиминираше Арсенал

Во најпривлечната пресметка од 3. коло на англискиот ФА Куп, Ливерпул на лондонскиот стадион „Емирати“ го победи домашниот Арсенал со 2:0, со што се пласираше во осминафиналето на најстарото фудбалско натпреварување во светот, кое првпат се играло во 1871 година.

Јакуб Кивиор со автогол во 81. Луис Дијаз во петтата минута од судиското продолжение на натпреварот им ја донесоа победа на „црвените“.

Тоа беше трет последователен пораз за Арсенал во сите натпреварувања, а дека „Топџиите“ се во сериозна криза потврдува и фактот што на последните седум натпревари забележаа само една победа. Од друга страна, Ливерпул ја забележа третата последователна победа, а шест натпревари е непоразен.

Интересно, Арсенал првпат не носеше црвена опрема на домашен терен, туку играше во целосно бели дресови, додека гостите играа во „виолетови“. Специјалното „бело издание“ е дел од поддршката на клубот од северен Лондон за иницијативата „Нема повеќе црвено“ чија цел е борба против нападите со нож и насилството кај младите. Арсенал веќе го носеше белиот дрес на гостувањата во ФА Купот на Нотингем Форест во 2022 година и на Оксфорд Јунајтед минатата година.

Првата шанса ја имаше Арсенал во 3. минута. Реис Нелсон шутираше, но непрецизно. Во 12. минута Мартин Одегард имаше „зицер“ но од 11 метри ја погоди гредата. Во првите 15 минути домашната екипа целосно доминираше, имаше шест шута а гостите ниту еден. Ливерпул првпат сериозно се закани во 22. минута по корнер, но Дарвин Нуњез шутираше лошо. Трент Александер-Арнолд во последните моменти од првиот дел имаше уште една добра шанса за „црвените“, но неговиот удар заврши во рамката од голот.

Во 50. минута опасно се закани домашниот напаѓач Букајо Сака, но неговиот удар беше изблокиран. Сака шутираше и девет минути подоцна, но уште еднаш беше непрецизен. Во 79. минута напаѓачот на Ливерпул, Диого Жота, исто така, ја погоди гредата. Две минути подоцна конечно видовме гол. По центаршут од слободен удар, Кивиор со глава ја упати топката во својата мрежа за предност на гостите. Сите сомнежи околу прашањето на победникот ги реши Луис Дијаз во петтата минута од судиското надополнување погодувајќи за 2:0.

Ливерпул, така, му се приклучи на Манчестер Сити во рутински пласман во осминафиналето на ФА Купот со убедлива победа од 5:0 против Хадерсфилд Таун.
Манчестер Сити лесно против Хадерсфилд Таун.

Актуелниот англиски фудбалски шампион и победник на ФА Купот, Манчестер Сити рутински го мина Хадерсфилд Таун, во дуелот во кој два гола постигна Фил Фоден (33, 65), а меѓу стрелците се впишаа Хулијан Алварез (37), Бен Џексон (58- автогол) и Џереми Доку (74). По четиримесечна пауза поради повреда, во тимот на Сити се врати Кевин Де Брујн. Белгиецот во игра влезе во 57. минута наместо Џек Грилиш, а во 74. асистираше до Доку за петтиот погодок.

Лидс Јунајтед беше убедлив против Питерборо Јунајтед победувајќи со 3;0. Стрелци беа Итан Ампаду (34, 90) и Патрик Бамфорд (47). Нотингем Форест и Блекпул одиграа 2:2, па ќе следи нов дуел, но во Блекпул. Гостите водеа со 2:0 со головите на Џордан Лоренс-Габриел (25) и Алби Морган (27), но Форест успеа да израмни, а стрелци беа Николас Домингез (39) и Морган Гибс-Вајт (56).

Нова средба ќе одиграат Вест Хем Јунајтед и Бристол Сити откако ддуелот во Лондон заврши 1:1. Домашните поведоа во 4. минута со голот на Џерод Боуен, а израмни Томи Конвеј (61).

Лутон Таун и Болтон одиграа 0:0, па за пласман во осминафиналето ќе мора да одиграат уште еден натпревар.