Преглед Ла Лига: Реал Мадрид со убедлива победа се врати на врвот на табелата

Во последниот натпревар од 20. коло на шпанската Ла Лига во неделата, Валенсија на „Местаља“ го совлада Реал Сосиедад со 1:0 (1:0), со што ја прекина серијата од седум натпревари без победа во домашното првенство и избега од дното на табелата.

Голот за третата победа на Валенсија оваа сезона во Ла Лига го постигна Уго Дуро во 26. минута. Валенсија така се најде на 19. место со 16 бодови и го турна Ваљадолид кој има бод помалку на дното на табелата. Реал Сосиедад го претрпе осмиот пораз но сѐ уште е на седмата позиција со 28 бодови.

Фудбалерите на Осасуна осми натпревар во низа во шпанскиот шампионат останаа без победа, ремизирајќи 1:1 (1:1) против Рајо Ваљекано на домашниот терен „Ел Садар“. Гостите поведоа во 19. минута, а стрелец беше Серхио Камело. Осасуна израмни во 59. минута со голот на Раул Гарсија на асистенција на Рубен Гарсија.

Рајо Ваљекано и Осасуна по осми пат сезонава освоија бод и се изедначени во бодови. Имаат по 26 бодови и се на деветтото и десеттото место.

Фудбалерите на Реал Мадрид го совладаа Лас Палмас со 4:1 во натпреварот од 20. коло на шпанската Ла Лига, кој се одигра на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.

Гостите поведоа уште во првата акција на натпреварот, а стрелец беше Фабио Силва. Сепак, до крајот на натпреварот се тресеше само мрежата на Лас Палмас и тоа седум пати, но три гола на Реал беа поништени поради офсајд.

Килијан Мбапе го постигна првиот гол во 18. минута од пенал, а потоа беше стрелец од игра зголемувајќи на 3:1 во 36. минута. Помеѓу неговите два гола погоди и Брахим Дијаз во 33. минута. Конечниот резултат беше 4:1 на Родриго во 57. минута.

Гостите речиси половина час играа со играч помалку, бидејќи во 64. минута директен црвен картон доби дефанзивецот Бенито Рамирез, кој влезе во игра на почетокот на вториот дел.

Лука Модриќ не конкурираше за составот поради жолти картони, а отсуствуваше и најдобриот стрелец на Реал Винисиус Жуниор, кој ја одлежува суспензијата поради црвен картон.

Реал Мадрид ја постигна 14-та првенствена победа со која се врати на првото место во Ла Лига со 46 бодови. Атлетико Мадрид заостанува два бода, откако во ова коло неочекувано беше поразен (1:0) на гостувањето кај Леганес.

Во првиот натпревар од 20. коло на шпанското фудбалско првенство во неделата, Атлетик Билбао ја совлада домашната Селта со 2:1 (0:0) на гостувањето во Виго, израмнувајќи се со третопласираната Барселона. Баскискиот тим поведе во 62. минута со голот на Алехандро Беренгер. Во 71. минута Даниел Вивијан го удвои водството на гостите. Уго Алварез ја намали негативата на Селта во 74. минута.

Со својата 11-та победа сезонава, Атлетик стигна до 39 бодови, исто колку и третопласираната Барселона.