Преглед Лига Европа: Победи на Севлија и Монако, реми на Јуве и Нант

Juventus FC vs Nantes FC at the Allianz Stadium in Turin, Italy, 16 february 2023 ANSA/ALESSANDRO DI MARCO

Фудбалерите на Севилја и Монако остварија победи во првите натпревари од баражот за пласман во осминафиналето на Лига Европа, додека Нант на гостувањето во Торино одигра 1:1 против Јувентус.

Најубедливата победа во првите натпревари од плеј-офот за Лигата на Европа ја оствари Севилја совладувајќи го на домашен терен ПСВ Ајндховен со 3:0. Првата шанса на натпреварот ја имаа гостите, Исмаел Саибари шутираше во 10 минута, но Боно одбрани. Иван Ракитиќ возврати во 32 минута, но неговиот обид од слободен удар заврши покрај голот. Во последните моменти од првото полувреме Севилја сепак поведе, а стрелец беше Јусеф ен Несири по додавањето на Хезус Навас. ПСВ беше подобар во првото полувреме, имаше повеќе од играта, но домаќините со водство заминаа на пауза.

Во продолжението од натпреварот играше само Севилја, а Лукас Окампос постигна гол и забележа асистенција за само десет минути минати на теренот. Во 50 минута, пет минути по влегувањето во игра, Окампос погоди за 2:0, а во 55 минута асистираше до Немања Гудељ за големите 3:0.

Баер Леверкузен и Монако одиграа интересен натпревар со многу пресврти, а на крајот победија гостите со 3:2. Монако поведе, Баер со два гола го сврте резултатот, за потоа гостите од Кнежевството да постигнат уште два гола за победа.

Монако поведе во 9 минута по големата грешка на домашниот голман. Јонатан Тах му ја врати топката на својот голман, а Лукаш Храдецки наместо да ја шутира, предолго чекаше да го искористи тоа што Брил Емболо му пријде одзади. Напаѓачот на францускиот клуб благо го турна финскиот репрезентативец, а Храдецки несмасно ја префрли топката преку својата гол линија. „Аптекарите“ бараа фаул во напад, но израелскиот судија Орел Гринфелд по консултација со ВАР-от покажа на центарот.

Баер успеа да направи пресврт во вториот дел со головите на Муса Диаби во 48 и Флоријан Вирц во 59 минута, а израмни Крепин Диата во 74 минута. Кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, Аксел Дисаси им донесе победа на гостите во втората минута од судиското продолжение.

Јувентус и Нант одиграа без победник, 1:1. Душан Влаховиќ го доведе Јуве во водство во 13 минута, но Лудовик Блас успеа да израмни во 60 минута. Во 63 минута торинската „Старата дама“ беше на чекор до ново водство, но Федерико Киеза ја затресе гредата.

Со истиот резултат заврши и натпреварот меѓу Спортинг Лисабон и Митјиланд. Данците поведоа во 77 минута со голот на Емам Ашур, а израмни Себастијан Коутс во четвртата минута од судиското надополнување.

Во првиот натпревар во четвртокот, во пресметка на европските гиганти, Барселона и Манчестер Јунајтед на „Камп Ноу“ одиграа 2:2. Првата шанса домаќинот ја имаше во осмата минута. Роберт Левандовски ја прими топката, влезе во шеснаесетникот и шутираше, но Давид де Хеа одбрани. Гостите одговорија во 27 минута. Џејдон Санчо шутираше, но неговиот удар беше изблокиран. Само една минута подоцна, Воут Вегхорст имаше одлична шанса, но Марк-Андре Тер Штеген го одбрани неговиот удар. Јунајтед имаше шанса во 34 минута, овојпат шутираше Маркус Рашфорд, но домашниот голман уште еднаш извонредно реагираше.

Барса поведе во 50 минута, Рафиња изведе корнер, а Маркос Алонсо со глава погоди за 1:0. Сепак, само три минути подоцна гостите израмнија со голот на Маркус Рашфорд на асистенција на Фред, а во 60 минута поведоа по автоголот на Жил Кунде. Повторно во центарот на акцијата беше Рашфорд кој го мина својот чувар и уфрли пред голот, каде Кунде ја одби топката во сопствената мрежа. Барса израмни во 76 минута преку Рафиња кој ја нафрли топката во шеснаесетникот, но ниту еден од играчите не ја допре топката, измамувајќи го Де Хеа.

Во вториот меч од вечерта Шахтјор Доњецк го победи Рен во Варшава со 2:1. Украинскиот тим, кој зимава беше без својот најдобар играч Михаил Мудрик, кој беше продаден на Челзи за околу 100 милиони евра, поведе во 11 минута. Богдан Михајличенко шутираше кон голот, Манданда одбрани, но Дмитро Крисков ја расчисти одбиената топка. Во финишот на првото полувреме Чимуања Угочукву направи пенал, а Артем Бондаренко погоди за 2:0. Рен намали во 59 минута со голот на Токо Екамби.

РБ Салцбург ја совлада Рома со 1:0 со голот на Николас Капалдо во 88 минута. Домашните почнаа агресивно, со голем притисок. Рома изгледаше исплашено и беа потребни околу 20 минути да се разбуди, а до крајот на мечот Салцбург мора да му се заблагодари на голманот Кен што не доживеа и пораз.

Во продолжението од мечот Рома двапати ја погоди рамката од голот, во 73 минута Брајан Кристанте ја натскка протинвничката одбрана и шутираше со глава, но ја погоди десната статива. Осум минути подоцна Андреа Белоти ја погоди гредата. Казната стигна во 88 минута, Страхиња Павловиќ нафрли во шеснаесетникот, а Николас Капалдо погоди со глава за победа на домашните.

На натпреварот меѓу Ајакс и Унион Берлин немаше голови. Ајакс имаше многу поголем посед на топката во првото полувреме, но не упати ниту еден удар во противничкиот гол. Фудбалерите на Унион ги затворија сите приоди кон својот гол, беа победници во поголемиот дел од дуелите и создадоа подобри шанси од домаќините. Ретко кој гостински голман имал полесни први 45 минути на европски натпревар на овој стадион. Во останатиот дел од натпреварот Ајакс одигра подобро, но остана 0:0.

Реваншите се на 23-ти февруари.