Преглед ЛШ: Реал стаса до првата победа, Борусија, Баерн и Ливерпул ги столчија противниците

Madrid, on November 3, 2020. (Photo by PIERRE-PHILIPPE MARCOU / AFP)

Во средбите од третото коло на Лигата на шампионите одиграни во вторникот, мадридски Реал конечно забележа победа, и тоа на својот „Сантијаго Бернабеу“, а Баерн, Манчестер Сити и Ливерпул супериорно продолжија со максималното остварување.

Во Групата А, минхенски Баерн го декласираше Салцбург со 6:2. Иако домашните водеа со 1:0 со голот на Бериша во 4 минута, а потоа и израмнија на 2:2 во 66 минута со погодокот на Јапонецот Окугава. Сепак, храбрата игра на Салцбург актуелниот шампион ја потопи со четири погодоци во 20 минути. Головите за Баварците ги постигнаа Роберт Левандовски во 21 од пенал и во 88 минута, Расмус Кристенсен во 44 минута си постигна автогол, Жером Боатенг во 79, Лирој Сане во 83 и Лукас Ернандез во втората минута од судиското продолжение.

Во првиот меч од оваа група Локомотив во Москва успеа да му одолее на фаворизираниот Атлетикот Мадрид и одигра 1:1. Гостите поведоа со голот на Хименез во 19 минута, а Мирначук израмни од пенал во 25 минута, откако Ерера играше со рака.

ТАБЕЛА
1. Баерн 3 – 3 0 0 – 12:3 – 9
2. Атлетико Мадрид 3 – 1 1 1 – 4:7 – 4
3. Локомотив Москва 3 – 0 2 1- 4:5 – 2
4. Салцбург 3- 0 1 2 – 6:11 – 1

Во Групата Б во Мадрид Реал и Интер одиграа одличен натпревар, во кој гостите од Милано го анулираа водството на домаќинот од 2:0 и по редицата неискористени шанси потклекнаа во завршницата. „Кралевите“ во израмнетиот натпревар со многу динамика и можности први дојдоа во водство преку Карим Бензема во 25 минута, а потоа во 33-та Серхио Рамос го удвои водството со својот карактеристичен начин со удар со глава по изведениот корнер од Тони Крос. Но Интер се врати во игра во 35 минута кога акцијата ја почна Марсело Брозовиќ кој додаде до Барела а овој со петица го проигра Лаутаро Мартинез кој беше сигурен реализатор. Добрата игра „Нераѕурите“ ја ефектуираа во 68 минута преку Иван Перишиќ кој израмни на 2:2. Сепак, и покрај силните настојувања на Интер да направи целосен резултатски пресврт, Реал по дебаклот на свој терен против Шахтјор и ремито во Менхенгладбах дојдоа до првата победа во Лигата на шампионите со голот на Бразилецот Родриго во 80 минита.

Во истата група Борусија Менхенгладбах со високи 6:0 го победи Шахтјор од Донецк во Киев. Најзаслужен за победата на гостите беше тројниот стрелец Алесане Плеа кој погоди во 8, 26 и 78 миута. Валериј Бондар постигна автогол во 16, а погодија и Реми Бедсебаини во 44 и Ларс Стиндал во 65 минута.

ТАБЕЛА
1. Борусија Менхенгладбах 3- 1 2 0 – 10:4 – 5
2. Реал Мадрид 3 – 1 1 1- 7:7 – 4
3. Шахтјор Донецк 3 – 1 1 1 – 3:8 – 4
4. Интер 3- 0 2 1 – 4:5 – 2

Во Групата Ц на домашен терен Порто со 3:0 го победи Марсеј кому ова му е дури 11-ти последователен пораз во Лигата на шампионите. Домашните поведоа во 4 минута преку Муса Мареж, веќе во 10 минута Марсеј можеше да израмни од пенал, но неговиот најдобар играч Дмитри Паје шутираше над голот. Потоа беше досуден пенал за Порто кој во 28 минута го реализираше Серхио Оливеира. Победата на домашните ја потврди Луис Дијаз во 69 минута.

Манчестер Сити кој со 3:0 минатото коло на гости го победи Марсеј, сега на домашен терен со истиот резултат го совлада Олимпијакос. Но победата на „Граѓаните“ беше потврдена дури во финишот, откако поведоа веќе во 12 минута преку Феран Торес. Во 81 минута зголеми од повредата закрепнатиот Габриел Жезус, а во 90 минута зголеми Жоао Кансело.

ТАБЕЛА
1. Манчестер Сити 3 – 3 0 0 – 9:1 – 9
2. Порто 3 – 2 0 1 – 6:3 – 6
3. Олимпијакос 3- 1 0 2 – 1:5 – 3
4. Марсеј 3 – 0 0 3 – 0:7 – 0

Во Групата Д, Аталанта дома беше потопена од Ливерпул дури со 0:5. Троен стрелец кај гостите беше годинешното засилување Диого Јота кој погоди во 16, 33 и 54 минута. Португалецот ја потврди својата одлична форма и во последните четири натпревари во англиското првенство и во Лигата на шамионите секогаш постигнуваше гол, или вкупно шест. Мохамед Салах погоди во 47, истрчувајќи самиот цел противнапад од половината на теренот, а две минути подоцна гол постигна и Садио Мане.

Митјиланд очекивано дома загуби од Ајакс со 1:2. Уште во првата минута бразилскиот напаѓач Ернони го доведе холандскиот тим во водство, а на 2:0 зголеми српскиот репрезентативец Душан Тадиќ во 13 минута од индиректен удар од пет метри. Топката се мушна во мрежата иако сите 11 играчи на Данците беа на гол-линијата. Домашните брзо намалија во 18 минута преки Дрејер, но до крајот немаше промена на резултатот.

ТАБЕЛА
1. Ливерпул 3 – 3 0 0 – 8:0 – 9
2. Аталанта 3 – 1 1 1 – 6:7 – 4
3. Ајакс 3 – 1 1 1 – 4:4 – 4
4. Митјиланд 3 – 0 0 3 – 1:8 – 0