Преглед Премиер лига: Бoрнмаут го изненади Њукасл, поразен и Тотенхем

Во последниот саботен натпреваро до 12-то коло во англиската Премиер лига, фудбалерите на Борнмаут на домашен терен го совладаа Њукасл со 2:0.

Борнмаут ја забележа само втората победа сезонава, а творец на победата беше Доминик Соланке, кој ги постигна двата гола. Соланке ги постигна головите во второто полувреме, во 60. и 73. минута, со што неговиот тим се искачи само за една позиција и Бурнемаут сега е на 17-то место на табелата. Њукасл остана седми.

Претходно, фудбалерите на Арсенал победија на домашен терен, совладувајќи го Барнли со 3:1. Арсенал така се израмни со Манчестер Сити на врвот на табелата, но актуелниот англиски шампион од Манчестер има натпревар помалку. Против Барнли, претпоследниот тим во табелата, Арсенал поведе во судиското надополнување во првото полувреме, а стрелец беше Тросард. Гостите израмнија со голот на Браунхил во 54. минута, но потоа Салиба во 57. и Зинченко во 74. минута ја погодија мрежата на гостите за конечното славје од 3:1. Арсенал на крајот од натпреварот остана со играч помалку по исклучувањето на Португалецот Фабио Виеира.

Продолжуваат неубедливите настапи на Манчестер Јунајтед, но и покрај тоа овојпат славеа. На својот „Олд Трафорд“ манчестерските „Црвени ѓаволи“ со 1:0 го совладаа новиот прволигаш Лутон, а единствениот гол го постигна Швеѓанецот Линделоф во 59. минута. Манчестер Јунајтед моментално е шести на табелата.

Евертон на гостински терен го победи Кристал Палас со 3:2. Домашните двапати се враќаа од негативата, но останаа без одговор откако Гује во 86. минута погоди за победата на Евертон. Пред тоа стрелци за домаќините беа Езе и Едуар, а кај гостите Миколенко и Дукур. Евертон се искачи на 14-то место.

Фудбалерите на Вулверхемптон во првиот натпревар од саботната програма остварија голема победа совладувајќи го Тотенхем со 2:1. Тотенхем поведе во третата минута со голот на Бренан Џонсон и водеше до 91. минута. Тотенхем со новата победа можеше повторно да го преземе првото место на табелата, но не само што не го оствари тоа, туку иако фаворизиран остана и без бод од ова гостување.

Во 91. минута џокерот од клупата, Шпанецот Пабло Сарабија, прими едно нафрлување и уште подобро ја заврши акцијата со гол за 1:1, а потоа во 97. Сарабија асистираше, а Лемин го постигна голот за Вулверхемптон 2:1.

Останатите натпревари од ова коло се играат в недела, а двојките се Астон Вила – Фулам, Брајтон – Шефилд Јунајтед, Ливерпул – Брентфорд, Вест Хем – Нотингем Форест и Челзи – Манчестер Сити.