Преглед Премиер лига: Голем пресврт на Манчестер Јунајтед за победа над Астон Вила

Манчестер Јунајтед ја прекина серијата порази со победа од 3:2 против Астон Вила во последниот натпревар во вторникот во рамките на 19-то коло од англиската Премиер лига и покрај тоа што Вила на полувремето имаше водство од два гола.

Откако не постигнаа гол на четири натпревари по ред, „Црвените ѓаволи“ направија одличен пресврт на својот „Олд Трафорд“ и ја победија Астон Вила со 3:2 и купија барем малку мир.

По првото полувреме и водството на Вила со 2:0, се чинеше дека ќе биде уште една тажна вечер на Олд Трафорд. Но, во продолжението на средбата следеше „Рапсодија на Јунајтед“. Гостите поведоа во 21. минута со голот на Џон Мекгин по уште една очајна реакција на Андре Онана. Шкотскиот играч за врска нафрли пред голот, а Онана само со поглед ја испрати топката во мрежата. Само пет минути подоцна гостите од Бирмингем постигнаа втор гол. Мекгин изведе корнер, а Клемент Ленгле со глава ја врати на втората статива каде Леандер Дендонкер погоди за 2:0.

По првите 45 минути, се чинеше дека Јунајтед може да загуби три последователни натпревари на „Олд Трафорд“ и тоа првпат по 1962 година по првенствениот пораз од Борнмаут (0:3) и поразот од Баерн во Лигата на шампионите (0:1). Сепак, во продолжението се случи голем пресврт. Алехандро Гарначо го намали резултатот во 59. минута, а погоди и во 71. минута за 2:2. Голот за целосниот пресврт и лудило на трибините на „Олд Трафорд“ го постигна Расмус Хојлунд во 82. минута. Манчестер Јунајтед сега е привремено шести со 31 бод.

Со овој пораз Астон Вила ја прекина серијата од 10 натпревари без пораз во сите натпреварувања, а пропушти можност да се пробие привремено на делба на првото место со Ливерпул кој на гости го победи Барнли со 2:0.

„Црвените“ поведоа во шестата минута со голот на Дарвин Нуњез, а победата ја потврди Диого Јота во 90. минута. Ливерпул уште двапати ја затресе противничката мрежа, но головите на Коди Гакпо во 29. минута и Харви Елиот во 55. минута беа поништени по асистенцијата на ВАР-от.

Со оваа победа, избраниците на Јирген Клоп скокнаа на врвот на табелата со 42 бода, два повеќе од Арсенал, кој во четврток се очекува да се соочи со Вест Хем. Астон Вила е трета со 39 бодови.

Во претходниот меч, Борнмаут го победи Фулам со 3:0, со што ја оствари четвртата првенствена победа во низа, а седми меч по ред без пораз.
Домашните поведоа во финишот на првото полувреме со голот на Џастин Клајверт, Доминик Соланке од пенал во 62. минута зголеми на 2:0, а Луис Синистера во судиското надополнување ја потврди победата.

Со овој меч, Борнмаут ја продолжи серијата без пораз на седум кола, остварувајќи ја шестата победа во последните седум кола, а четврта во низа.

Важни три бода освои и Лутон Таун совладувајќи го Шефилд Јунајтед со 3:2 во дербито на дното од табелата. Гостите поведоа во 17. минута со голот на Алфи Даути, но Шефилд Јунајтед одговори со два гола преку Оливер МекБурни (61) и Анел Ахмедхоџиќ (69). Во продолжението од натпреварот играчите на Шефилд постигнаа уште два гола, но и двата во својата мрежа. Во 77. минута Џек Робинсон случајно го одби центаршутот на Карлтон Морис во сопствената мрежа, а четири минути подоцна и Анис Бен Слиман ја одби топката во сопствената мрежа. Слиман можеше да се искупи во судиското надополнување, но шутираше далеку од голот.

Тоа беше втора последователна победа за Лутон, кој останува во зоната за испаѓање, но се наоѓа на само еден бод од безбедната зона.

Во првиот натпревар во вторникот Нотингем Форест на гостински терен го победи Њукасл Јунајтед со 3:1. Се чинеше дека Њукасл лесно ќе победи, кога Александар Исак ги доведе „Страчките“ во водство од пенал во 23. минута. Но, тогаш Новозеланѓанецот Крис Вуд, трикратен стрелец за Форест, блесма на „Сент Џејмс Парк“. Вуд прво погоди во првата минута од судиското надополнување во првото полувреме, а потоа и во 53. и 60. минута за големо изненадување. Вуд дојде во Форест на позајмица во јануари од Њукасл.

Нотингем Форест со тоа ја забележа четвртата победа во шампионатот и прва под водство на новиот тренер Нуно Еспирито Санто и со 17 бодови ја зазема 16-та позиција на табелата. Њукасл е во криза со четвртиот пораз во последните пет натпревари, а е седми со 29 бода.