Преглед Серија А: Хет-трик на Жиру за убедлива победа на Милан

AC Milan's Olivier Giroud (C) scores goal of 2 to 1 during the Italian serie A soccer match between AC Milan and Sampdoria at Giuseppe Meazza stadium in Milan, 20 May 2023. ANSA / MATTEO BAZZI

Фудбалерите на Милан без особени напори со 5:1 на свој терен ја совладаа отпишаната Сампдорија во рамките на 36-то коло од италијанското првенство.

Со оваа победа миланските „Росонери“ ја прекинаа серијата од три порази во домашната Серија А и во Лигата на шампионите.

Уште во првото полувреме Милан создаде предност од два гола (3:1), со погодоците на Португалецот Рафаел Леао во 9 и двата погодока на Французинот Оливие Жиру во 23 и во 29 минута од пенал. За гостите стрелец беше уште еден ветеран, 40-годишниот Фабио Кваљарела. Во второто полувреме до третиот погодок дојде Жиру во 68 минута, откако пет минути претходно погоди и Браим Диаз.

Со оваа победа Милан дојде до 64 бодови, останува моментално на 5-то место, но ги задржа шансите на две кола пред крајот да се избори за третото или четвртото место кои водат во Лигата на шампионите следната сезона. Таму се градскиот ривал Интер со 66 бодови односно Лацио со 65 бодови. Сампдорија одамна е преселена во Серија Б, сезонава оствари само три првенствени победи и собра вкупно 18 бодови со кои убедливо е последна 20-та.

Претходно во саботата Аталанта, исто така, беше убедлива на домашен терен против Верона со 3:1. Гостите поведоа во 11 минута преку Дарко Лазиќ, а домашните по исто толку минути игра по погодокот израмнија преку Давиде Запакоста. Во вториот дел за тимот од Бергамо погодија и Марио Пашалиќ во 53 и Расмус Хејлунд во 62 минута.

Аталанта моментално скокна на шестата позиција со 61 бод, на местото кое води во Конференциската лига, и има два бода предност пред Рома која има и меч помалку. Верона, пак, останува со 30 бодови на 18-то место, кое води во понискиот ранг а пред неа се Специја и Лече, со ист број бодови односно два повеќе но со натпревар помалку.

Убедлива победа, но гостинска, со 5:1 оствари и Болоња кај Кремонезе. Стрелци за гостите беа Марко Арнаутовиќ во 14, Луис Фергусон во 27, Штефан Пош во 45, Рикардо Орсолини во 62 и Никола Сансоне во 80 минута, а за домашните почесниот погодок го постигна Даниел Киофани во првата минута од судиското продолжение на натпреварот.

Болоња сега е 9-та со 50 бодови, а Кремонезе е претпоследно 19-то со 24 бодови и со само теоретски но слаби шанси за опстанок.

Во недела ќе играат Лече – Специја, Торино – Фиорентина, Наполи – Интер и Удинезе – Лацио, додека 36-то коло ќе биде заокружено во понеделник со натпреварите Рома – Салернитана и Емполи – Јувентус.