Преглед Серија А: Рома го доби дербито со Наполи, Интер се зацврсти на врвот

Во дербито од 17-то коло од италијанското фудбалско првенство Рома на својот „Олимпико“ со 2:0 го совлада Наполи, остварвајќи ја својата прва победа во последните осум меѓусебни соочувања. Рома последен пат го победи Наполи во 2019 година, а потоа пет пати беше поразена а два дуела завршија без победник.

Двата тима полагаа многу во исходот од дуелот во ткн Дерби на сонцето на „Олимпико“, во настојувањата да се фати приклучок кон позициите кои водат следната сезона директно во Лигата на шампионите.

Во тензичната игра со изгледни прилики пред двата гола, „Волчицата“ поведе во 76. минута со погодокот на Лоренцо Пелегрини, кој во игра влезе неколку минути претходно. Но десет минути пред погодокот на Рома, гостите останаа со играч помалку, откако беше исклучен Матое Политано, кој го закачи одмазнички противничкиот играч кој претходно го фаулираше во обидот да спречи брз противнапад на Наполи. Во 86 минута се чини дека Наполи остана без сите шанси да дојде до израмнување, откако беше исклучен уште еден негов играч – напаѓачот Виктор Осимхен. Со двајца играчи повеќе Рома во шестата минута од судиското продолжение на натпреварот успеа да го постигне и вториот погодок, а стрелец беше Ромелу Лукаку.

Со оваа победа Рома го прескокна Наполи сега е шеста со 28 бодови, додека Наполи е место подолу на табелата со бод помалку. Пред нив на достижна разлика се петтата Фиорентина со 30, четвртата Болоња со 31 и Милан со 33 бодови.

На самиот врв е Интер со 44, следен од Јувентус со 40 бодови.

Интер претходно во саботата се зацврсти на врвот со домашната победа од 2:0 над Лече. „Нераѕурите“ поведоа во 43. минута со голот на Јан Аурел Бишчек, а водството го удвои во 78. минута Николо Бареља по одличното додавање од Марко Арнаутовиќ, кој со петица ја измами целата гостинска одбрана. Во 83. минута гостите останаа без исклучениот поради приговор Ламек Банда. Лече по поразот остана на 12-то место со 20 бодови.

Болоња ја продолжи серијата на одлични резултати победувајќи ја Аталанта со 1:0 со што скокна на четвртото место со 31 бод, додека тимот од Бергамо остана на осмата позиција со 26 бодови. Стрелец на победничкиот погодок за домашните беше Луис Фергусон во 86. минута.

Три важни бода освои Верона во дербито на дното со Калјари кого го совлада со 2:0. Водечкиот погодок го постигна Сирил Нгонго во 53. минута, само минута откако гостите останаа без исклучениот Антоан Макумбу. Победата ја потврди Милан Ѓуриќ со погодокот во 90. минута,.

Верона со оваа обеда побегна од зоната на испаѓање, сега е 16-та со 14 бодови, бод повеќе од 18-то Калјари на позицијата од која се игра плејоф за опстанок во Серија А.

Торино и Удинезе одиграа без победник со по еден погодок постигнат во завршницата на дуелот. Гостите поведоа во 81. минута преки Оиер Зарага, а домашните израмнија со голот на Иван Иличич во 88. минута. Торино се одржа на 10-то место со 24 бодови, а Удинезе со 14 бодови е засега на последното место кое гарантира опстанок 17-то.

Во првиот натпревар во саботната програма второпласираниот Јувентус како гостин со 2:1 го победи Фросиноне. Торинската „Стара дама“ поведе во 12. минута со голот на Кенан Јилдиз, но домашните израмнија во 51 минита со голот на Хаиме Баез. Сепак бодовите ги освои најтрофејниот италијански клуб со погодокот на Душан Влаховиќ во 81. минута. Фросиноне, така, остана на 19 бодови и на 14-ти место на табелата.