Преглед Серија А: Јувентус до победа во судиското надополнување, Рома ремизираше, нов дебакл на Наполи

Во последниот натпревар од неделната програма и дерби на 19. коло на италијанското фудбалско првенство, Рома и Аталанта ги поделија бодовите на римски „Олимпико“ играјќи 1:1.

Гостите поведоа во осмата минута со голот на Теун Купмајнерс, а израмни Пауло Дибала од пенал во 39. минута. Така Аталанта сега е шеста на табелата со 30 бодови, а Рома е две места подолу со бод помалку.

Фудбалерите на Јувентус со многу напори и среќа со 2:1 ја победија екипата на „фенерџијата“ Салернитана, со што се доближија до лидерот Интер на два бода заостанување. Далеку потешко од очекувањата, Јуве освои три бода на гостувањето кај последниот тим во Серија А. На крајот прашањето на победникот го реши голот на Душан Влаховиќ во судиското надополнување.

Домашните поведоа во 39. минута одличниот погодок на Џулио Маџоре, но истиот играч заработи исклучување во 53. минута. Торинската „Стара дама“ успеа да израмни во 65. минута со голот на Самуел Линго-Жуниор, а во последните моменти од мечот успеа да дојде и до победа преку Влаховиќ. Данило ја освои топката, а потоа одлично додаде од десно до српскиот напаѓач, кој ја натскока домашната одбрана и погоди со глава за 2:1.

Така Јувентус стаса до 46 бодови, па сега Интер е на само два бода предност на врвот на табелата. Салернитана остана на само две победи сезонава и на 12 бодови, три помалку од зоната која гарантира опстанок во елитата.

Претходно во неделата Торино го победи Наполи со 3:0, што е првата победа на Торино во последните 16 меѓусебни средби. Последната победа против Наполи, фудбалерите на Торино ја остварија во март 2015 година, по што забележаа 12 порази и четири нерешени средби.

Домашните поведоа во 43. минута со голот на Антонио Санабрија, а седум минути подоцна се случи еден од клучните моменти. Дефанзивецот на гостите Пасквал Мацоки „поцрвене“ по невнимателен старт. Мацоки доби црвен картон само четири минути по влегувањето во игра во првиот настап за Наполи. Во редовите на актуелниот италијански шампион Мацоки дојде зимава од Салернитана за три милиона евра, но не се докажа во првиот настап. Непромислено го собори Валентино Лазари и заработи исклучување. Само две минути подоцна Торино постигна уште еден гол, а стрелец беше Никола Влашиќ со убав удар од 17 метри. Сите сомнежи околу прашањето на победникот ги реши Алесандро Буонџорно во 66. минута по удар од корнер.

По овој пораз Наполи остана на 28 бодови и сега е на деветтата позиција на табелата, а Торино е место подолу со бод помалку.

До три бода дојде и Лацио победувајќи го Удинезе со 2:1 на гости. Лука Пелегрини ги доведе гостите во водство во 12. минута, израмни Валас во 59. минута, а победата на гостите им ја донесе Матиас Вечино во 76. минута. Лацио сега е седми со 30 бодови, а Удинезе е 16-ти со 17 бодови, три повеќе од зоната на испаѓање од Серија А.

Во првиот натпревар во неделата Милан на гостински терен го победи Емполи со 3:0. Милан поведе во 11. минута благодарение на Рубен Лофтус-Чик кој одлично го проигра Рафаел Леао во шеснаесетникот. Оливие Жиру ја зголеми предноста на гостите со својот деветти гол сезонава од пенал во 31. минута, кој беше досуден откако играч на Емполи играше со рака во шеснаесетникот. Третиот гол за победа на гостите го постигна Чака Траора во 88. минута по контранапад на Кристијан Пулишик.

Милан сега е трет со 39 бодови, а Емполи остана претпоследен 19-ти со 13 бодови.