Професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на претстојните избори закажани за 24 април, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, смета дека за Преговарачката рамка за продолжување на преговорите со ЕУ може да се најде решение. Таа во интервју за МИА потенцира дека е за влез во Европската унија, но дека „може да се договориме“ и оти за тоа има многу варијанти.
-Јас не можам вака да ви одговорам, меѓутоа јас мислам дека може, истакна проф. Силјановска Давкова.
-Значи, сакам да кажам се разбира дека сум за ЕУ, но не гледам јас фаталистички на ЕУ за да се плашам да кажам дека ако предавам уставно право како да им кажам на студентите дека темелните вредности и принципи заштитени што ви се пред суд не важат за некој непослушен од вашата фамилија, ама и вие велите не важат за земјите кои се кандидати да бидат почитувани. Тогаш тоа не е во ред. ЕУ треба да биде заедница на принципи, не е на бирократски машинерии. Значи, мислам дека може да се договориме околу стапување на сила, варијанти има многу. Околу тоа кога ќе стапат во сила, околу обврската на Бугарија со закана со членот 7 дека мора да ги почитува пресудите на Судот во Стразбур. Како може да не почитувате пресуди на суд, а имате судија во судот и вие им судите на другите? Па тоа не е европски. Значи, мислам дека може да се најде решение, како што на Србија и велат дека ќе се смени, па им ги сменија со методологиите и преговарачките рамки. Ама сега има нова промена велат во однос на односите со Косово итн, вели Силјановска Давкова.
На прашањето дали промените што би можеле да се случат на изборите за Европскиот парламент, но и кај нас може да придонесат за евентуална промена на Преговарачката рамка и целиот тој процес за преговори за поглавјата, Силјановска Давкова посочува дека Преговарачката рамка не е Библија, Куран или Талмут.
-Деновиве ги слушам. Сите одлучиле, што можете вие. Сега еве и претседателот го слушам за некој нов реализам. Реализам па нов. Интересна работа. Значи вака, јас знам дека се тие практични и прагматични и дека сакаат да си решат некој проблем, ама решавањето понекогаш може да биде под наводници и да отвори нов проблем. Значи дури и со интерпретација на оваа преговарачка рамка поинаква, оти не зборуваме за Библија или за Куран, не зборуваме за Талмут, за Тора. Не. Зборуваме за Преговарачка рамка. Значи ако во преговарачката рамка напишале дека влегува и Договорот за пријателство и добрососедство и во тој Договор за пријателство и добрососедство има преамбула во која се вели дека Бугарија се обврзува дека ќе ја помага Македонија на патот…ако е вето помош тогаш јас имам проблем со познавањето на европското право, вели професорката.
Замислете, посочува претседателската кандидатка, да го употребувале ветото една над друга Германија и Франција не знам дали воопшто тогаш ќе можеше да има исчекор од основачите на Европската заедница, па понатаму немаше да има проширување.
Претседателската кандидатка нагласува дека таа го соопштила ставот и на сите дипломати и министри кои доаѓале во Собранието и оти се повикува на темелните вредности и принципи на Европската унија на нивните основачки документи.
-Тоа е европското уставно право и тоа е заштитено во судот во Луксембург, Судот на правдата на Европската унија и важи за сите. Значи, не можам, а да не потсетам, меѓутоа шокирана сум од одговорот, кој најчесто го слушам дека разговаравме со претседателот, со министерот за надворешни работи, за евроинтеграции и со други тие велат дека нема проблем. А како нема проблем ако се вели дека во тие принципи влегува признавање, бидејќи сликата на ЕУ е единство на различности и тие велат дека нема да се мешаат во внатрешните работи, ќе ги почитуваат уставните и политичките структури, самоопределувањето, дигнитетот и интегритетот, да не бројам, националниот и културниот идентитет, реципроцитетот во почитувањето во склучувањето на договорите итн. Се разбира дека тоа што важи за нив треба да важи и за сите и важеше и треба да важи и за нас, вели Силјановска Давкова.
За информациите што деновиве се појавија во јавноста дека би можело да има уставни измени дури и со се уште актуелниот состав на Парламентот, или предлозите политичарите да се „затворат’ веднаш по инаугурацијата на новиот претседател и да се договорат или за оној за уставни измени до Нова година, Силјановска Давкова вели дека „тоа е страшно бидејќи кажуваме дека не го почитуваме Уставот односно постапката за промена на Уставот“ и прашува дали ние имаме правна држава. За формирање идна влада, додава, прво треба да се види резултатот.
-Ако ЕУ мисли дека на ваков начин преку постојано менување на Уставот однадвор ќе решиме проблеми… значи ова околу добрососедските односи не е ни дел од Копенхашките критериуми туку е дел од оној Договор за асоцијација и стабилизација бидејќи уставните демократии се најважни. Како тоа, знаете како е постапката? Три читања за промена на Уставот, па јавна расправа, па има рокови, амандмани… Јас ништо не разбирам. Е така некои ликови го подразбираат владеењето – на конзулски начин. Прво ќе се договориме, па после ќе одглумиме формално дека имаме институции. Значи тие ги носат одлуките надвор од институциите. Затоа се институциите слаби, а тие ликови прејаки. Затоа ние имаме проблеми со европската демократија, рече кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Професорката Силјановска Давкова верува дека ќе влезе во вториот круг на претседателските избори и дека согласно анкетите и резултатите од минатите избори, логично и се наметнува заклучокот дека повторно Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, има најголеми шанси да биде еден од оние што ќе влезат во вториот круг на претседателските избори.