Преговори во јуни нема, само премиерот Заев слави непостоечки успех

Додека сите јасно укажуваат дека проширување на Европската унија во јуни нема да има, македонскиот премиер Зоран Заев слави. Тој синоќа на средба со жители на скопската населба Илинден рече дека во Берлин се сретнал со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Макрон и оти ова лето земјава ќе добие датум за преговори со ЕУ.

Доаѓам од Берлин, по средбите со германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон, имаме големи пријатели во Европа, не само што оваа година ќе бидеме дел од НАТО, туку ова лето нашата земја ќе почне преговори и со ЕУ, рече Заев.

Во меѓувреме пораките од ЕУ се сосема поинакви. Европската комисија вчера ги презентираше своите препораки кои треба да бидат приоритети на следниот состав на европската извршна власт, оценувајќи дека проширувањето кон Западниот Балкан не треба да се запостави. Овој заклучок е во пресрет на средбата на 27-те земји членки на ЕУ во Сибиу. Сепак во документот насловен како „Придонесот на Европската комисија за стратешката агенда на ЕУ 2019-2024“ од вкупно 82 страници, само неколку редови му се посветени проширувањето.

На презентацијата на овој документ претходеше средба во Берлин, онаа од која кога Заев се врати и рече дека му рекле датум ќе има во јуни, а на која во суштина фокусот беше на Србија и Косово. Средбата не помина без да се спомне темата проширување на ЕУ. Двигатели на средбата беа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, заедно со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини. На состанокот во Берлин присуствуваа македонскиот премиер Зоран Заев, Александар Вучиќ од Србија, Еди Рама од Албанија, Хашим Тачи од Косово, Мило Ѓукановиќ од Црна Гора и Денис Звиздиќ од БиХ, а како гости беа поканети и премиерите на Словенија и Хрватска, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ. И таму јасно беше кажано каде е местото на проширувањето.

Состанокот не е за проширувањето за ЕУ, изјавија Меркел и Макрон за состанокот во Берлин.

 

Во целата приказна Македонија – ЕУ, ставовите на Заев варираат. Кон крајот на март годинава тој почна да бара изговори и да обвинува други за неговата неспособност земјава да ја внесе во Европската унија. И сето тоа покрај повремените самоуверени изјави со кои се фалеше дека Македонија добила датум за преговори за членство во ЕУ. Имено, минатата година кога Европската унија повторно ни даде условена препорака со три услови кои мора да ги исполниме, Заев тоа го пренесе како историска одлука на ЕУ да ни даде датум за почеток на преговори. Тој тогаш викаше дека се е готово и гордо ќе зачекориме низ вратите на Европа. Откако по една година СДСМ и владата не ги исполнија условите и ги влошија состојбите за кои ЕУ имаше забелешки, премиерот Заев наместо да ја признае грешката тој почна да се расфрла со обвинувања кон опозицијата дека таа ќе биде виновна доколку не добиеме датум за преговори.

Во едно интервју за Дојче веле, Заев и лицитираше.

 Ние сме земја кандидат од 2005 година, чекаме 14 години пред вратите на Европа да ги отвориме поглавјата, не да станеме членка, во такви околности голем дел од нашето законодавство е веќе адаптирано со ЕУ, јас верувам дека во јуни ЕК ќе ги отвори преговорите со ЕУ, каде што ќе го подобриме низ преговарачкиот процес квалитетот на животот во нашата земја Република Северна Македонија, во такви околности кога ќе заслужиме тогаш ќе станеме членка дали е тоа 2025, дали е 2022, дали е 2030, кога ќе заслужиме и кога ќе ја европеизираме нашата земја, тогаш и ќе станеме членка на ЕУ, рече Заев во интервјуто за Дојче веле.

Заев минатата година тврдеше дека Македонија има датум за преговори и оти ова е затворено прашање за Европскиот совет.

Во предизборната програма на СДСМ за парламентарните избори 2016 година, сегашната власт вети почеток на преговорите до крајот на 2017 година. Сега е мај 2019 година почетокот на преговорите нема ниту на повидок.