Преговорите за СЈО денеска без успех, ќе има ли договор до 27-ми август?

Во Министерството за правда продолжија преговорите на работните групи на владата и ВМРО ДПМНЕ за предлог Законот за јавно обвинителство.

Двете страни се очекува до 26-ти август да ги усогласат ставовите пред се’ за идниот начин на работа и функционирање на Специјалното јавно обвинителство.

Денешната средба заврши без напредок. Антонио Милошоски вели напредок нема бидејќи очигледно е дека власта не е подготвена за системско решение за законот за јавно обвинителство да прифати концепт во кој обвинителството ќе им поголема одговорност, но и поголема доверба. „Рекет“ вели Милошоски е само доказ за тоа.

„Последниот случај „Рекет” само покажува дека обвинителката Рускоска кога станува збор за неподобни политички лица се однесува како обвинител, а кога станува збор за Катица и некои си Кики или Фрики се однесува како нивен адвокат“, вели Милошоски.

Опозицијата предлага неколку системски решенија по однос на изборот, мандатот и структурата на Обвинителството за борба против организиран криминал и висока корупција и тие решенија, како што Милошоски рече, не се врзуваат со личности согласно законот. Дале и забелешки дека не се согласуваат обвинителката Јанева и другите обвинители, како и сите вработени во СЈО по сила на закон да преминат во обвинителството за борба против организиран криминал бидејќи се сомневаат дека некои од нив можеби имаат улога во „Рекет”.

Милошоски вели сепак, власта не се откажува од тоа обвинителката Вилма Рускоска да го води новото обвинителство.

Министерката  за правда, Рената Дескоска со свое видување. Вели постојат крупни разлики и предлозите на ВМРО ДПМНЕ ги оцени како ретроградни и сталинистички.

„Според барањето на ВМРО-ДПМНЕ треба да дојде до целосно демонтирање на структурата на СЈО, но и за жал на Обвинителството за организиран криминал. Барањето беше дека треба неизивесна да биде судбината на сите лица кои се вработени во СЈО и во Обвинителството за организиран криминал, и со нивното спојување да не се знае тие лица каде ќе одат. Понатаму тие да се распределуваат, што ќе се одрази негативно врз континуитетот на процесите бидејќи процесот на екипирање оди бавно и тоа ќе доведе и до застареност на одредени случаи“, рече Дескоска.

Сепак, аналитичарите и покрај актуелните разлики во ставовите на власта и опозицијата во односно на СЈО очекуваа договор до 27-ми август кога пратениците се враќаат на работа. Предлог законот е веќе ставен на дневен ред на седница на првиот работен ден од Собранието.