-Прехранбениот сектор има рок од 20 дена да ги намали цените на производите, во спротивно нема да може да користи субвенционирана струја. Освен тоа, ќе добие и казна бидејќи не се го почитува договорот со Владата за да ги намали цените. На крајот на месецов анализата на Државниот пазарен инспекторат треба да покаже колку компании ги намалиле цените, а колку се богателе на грбот на граѓаните, иако користеле поевтина струја, посочи денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој додаде дека компаниите од прехранбениот сектор користат струја која чини 80 евра за мегават час, наместо 200 евра, колку што изнесува на слободниот пазар. Тоа буџетот ќе го чини околу 3,5 милиони евра до април. Но, откако од 1 декември 2022 година субвенцијата започна да се применува, во маркетите по пониски цени се продаваат само неколку производи, а не сите, како што првично беше договорено помеѓу Владата и производителите.
Првичниот план на надлежните беше дека околу 200 компании коишто произведуваат храна ќе ја искористат мерката за поевтина струја, а со тоа како услов требаше да ги намалат цените на своите производи за околу 10 отсто. Но, откако стапи во сила оваа мерка, ниту половина од компаниите не беа заинтересирани да ја користат владината субвенција.
Во Македонија трошоците на живот за една година се зголемија за 20 отсто, а најголем удел во оваа инфлација има токму порастот на цените на храната.