
Се прекинува потрагата по осумтемина излетници исчезнати во одронот во швајцарските Алпи, соопшти во саботата полиција.
„Сториве сѐ што беше во наша моќ за да ги најдеме, но водачот на спасувачката екипа Андреа Митнер денеска попладнето извести дека се откажуваат од потрагата“, изјави за AFP портпаролката на полицијата на кантонот Граунуенден (Грисонс), Сандра Слјангвета.
Врз планинарите, четворица Германци и по двајца Австријци и Швајцарци, коишто во средата утрото тргнале во прошетка кон Пица Сенгало, висок 3.369 метри, од планината се урнал куп камења кој се движел со брзина од 250 километри на час, предизвикувајќи поток сличен на лава од кал кој уништи дел од селото Бондо, во близина на италијанската граница, оцени швајцарската полиција.
„Никого повеќе не можеме да пронајдеме“, изјавил Митнер за швајцарските медиуми.
Потрагата во којашто учествувале околу 120 спасувачи, полицајци, пожарникари и војници со обучени кучиња, инфрацрвени камери и уреди за откривање на сигнали од мобилни телефони, беше прекината и во петокот доцна попладнето по уште еден порој од кал, поради што беше наредена евакуација на помал број од жителите на Бондо кои претходно добија дозвола од властите да се вратат во своите домови.
Според сите назнаки, истражителите оценуваат дека планинарите настрадале во долниот дел од Вал Боднаска, изјавил портпаролот на кантоналната полиција Рома Руег.
Во таа област и натаму постои опасност од одрони и потоци од кал, предупреди Андреас Хувилер, геолог кој работи во Бирото за шумарство и природни катастрофи во кантонот Граубуенден, пренесе швајцарската новинска агенција ATS.