Операцијата на потрага и спасување по авионот на непалската воздухопловна компанија „Tara Air“ кој претходно во неделата исчезна со 22 патници, е прекината поради лошите временски услови, објави порталот Nepalnews.
Според извори од спасувачките служби, воениот хеликоптер кој полетал од градот Похара бил принуден да ја прекине операцијата поради густата магла. Истовремено, друг хеликоптер на аеродромот во Џомсом не добил дозвола да полета додека не се подобрат временските услови.
Во меѓувреме, единица на копнените војски на Непал и на непалската полиција се упатила кон планината Даулагири, бидејќи постојат сомневања дека авионот веројатно се урнал меѓу планините Даулагири и Манапати.
Како што претходно објави весникот The Himalayan Times, со авионот се превезувале тројца членови на екипажот и 19 патници, од кои 13 Непалци, четворица Индијци и двајца германски државјани. Авионот полетал утрото од аеродромот во Похара на лет кон Џомсом, но неколку летови по полетувањето била прекината врската со екипажот.