
За малку бил избегнат инцедент за време на одбележувањето на еден од најголемите христијански празници Богојавление-Водици во Охрид.
Како што објави порталот Експрес, полицијата побарала да се отстрани 40-метарското знаме со сонцето од Кутлеш, поставено на дел од бедемот на Самоиловата тврдина кај Долна порта, а против сопственикот на знаемето, адвокатот Тони Менкиноски, поднесена е прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир.
– Група средношколци и студенти од Охрид побараа да го извадам знамето, јас им излегов во пресрет и тие го развиорија на ѕидините – вели адвокатот Тони Менкиноски кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур.
Менкиноски против кого полицијата поднесе прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир, раскажува што точно се случило.
– Полицијата дојде и сакаше да го тргне знамето. Имаше една бурна реакција од страна на луѓето кои го имаа поставено знамето, исто така ме запишаа мене како подносител. Јас им побарав да ми донесат наредба, им реков дека ова знаме нема да го тргнеме сѐ додека не ни донесете наредба или писмен документ со кој ќе нѐ задолжите да го тргнеме. И тоа треба да го пренесете да го знае јавноста бидејќи беше можен и инцидент – вели Менкиноски.
Инаку, за ицидентот со знамето, ТВ Алфа побарала став од полицијата, прашале зошто полицијата инсистирала тоа да се тргне?
Во соопштението кое МВР го испрати наведено е: „вчера околу 10 часот на малиот плоштад, од страна на Т.М.(49) од Скопје, нарушен е јавниот ред и мир со истакнување знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон. Од страна на полициските службеници, изготвен е записник за констатиран прекршок“.